Заев на Самит100: Балканот ќе и докаже на ЕУ дека не e Буре барут
Објавено во: Економија 17 Октомври, 2017
На завршната прес конференција со која беше затворен шестиот Summit100 кој годинава се одржа во Скопје, премиерот на Република Македонија во контекст на регионалната соработка истакна дека Балканот веќе не е Буре барут и наместо конфликти ќе може заеднички да ги оствари своите цели за подобра интеграција, поврзување и економски напредок.
На прашањето на новинарот на Фактор дали премиерот Заев има надеж дека догодина дел од премиерскиот панел на Самитот ќе бидат премиерите на Грција и Бугарија тој одговори дека станува збор за одлука на организаторите, но секако тоа е цел која сите сакаат да се оствари. Самитот пред се се однесува на земјите од регионот кои не се членки на ЕУ со тоа што Хрватска во меѓувреме се зачлени во Унијата. Заев рече дека и во овој период разговарал лично со сите премиери во регионот во надеж дека ќе ја прифатат поканата, но и да продолжат со меѓусебната комуникација и поврзување.
Сите премиери кои денеска присуствуваа на Самит100 беа согласни дека земјите од Западен Балкан мора да прикажат напредни ставови, да ги надминат традиционалните пречки, да се обединат за подобра инфраструктура и поврзаност, како и заеднички да настапат на надворешните пазари бидејќи секоја земја сама за себе е премногу мала.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со своите гости премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Душко Марковиќ, и со Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ посочија дека ќе и ја дадат целата неопходна поддршка на бизнис заедницата од регионот да ги реализира своите замисли и иновативни идеи за отворање на нови работни места, да се зголемат инвестициите и добивање поголема почит и препознаеност од Европската Унија.
Репортер: Христијан Станоевиќ
Фото: Фактор