28 Март, 2024
0.0276

ВРХОВЕН КОМАНДАНТ НА ВООРУЖЕНИТЕ СИЛИ НА МАКЕДОНИЈА

Објавено во: Колумни 31 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Стратегиска определба на Република Македонија е членството во НАТО.  Да се најдеме под безбедносниот „чадор“ на НАТО значи да имаме моќни сојузници и потврда дека Република Македонија е внатрешно стабилна држава, со што се обезбедува безбедносен амбиент кој е гарант за сигурноста на странските инвестиции. Искуствата од државите кои станаа членки на НАТО недвосмислено покажува дека интересот за странски инвестиции во тие држави веднаш по влегувањето во НАТО се зголемило до 40 проценти. Новите инвестиции значат нови работни места и подобрување на економската состојба во државата.

Во 2006 година, иако знаевме дека ја немаме во целост завршено домашната работа, потајно верувавме дека ќе ја добиеме поканата за членство во НАТО. Но тоа не се случи. Најголемото разочарување дојде во 2008 година кога мислевме дека сигурно ќе ја добиеме поканата, но за жал повторно останавме пред отворената порта со  ветување да го решиме проблемот со името и веднаш ќе влеземе во НАТО. Годинава, Република Македонија со осумнаесетата Годишна Национална Програма за членство во НАТО постана вероватно апсолутен рекордер по бројот на годишни програми за членство.

Препораките кои доаѓаат од релевантни експертски, политички и лобистички кругови сугерираат дека наредната година е одлучувачка за евроатланските интеграции на Република Македонија. Колку и да се позитивни препораките и оценките за Годишната Национална програма без стратегија за имплементација на истата членството во НАТО повторно ќе остане само желба. Во стратегијата за членство во НАТО треба да се предвиди што треба и како тоа да го направат  oпштествените и политичките институции, поединците во институциите,  медиумите и сите ние со цел да ја прескокнеме и последната пречка и преку отворената врата стасаме на посакуваната крајна цел.

Лично верувам дека ние сами со мешањето на името на нашата држава Република Македонија со Македонија многу придонесовме нашиот јужен сосед да го креира проблемот со името на нашата држава. Да појаснам, уставното име на нашата државата е Република Македонија, а не Македонија, но ние од самото осамостојување многучесто неправилно ги користиме нашето уставно име. Така ние имаме врховен командант на вооружените сили на Македонија и тоа така сме го предвиделе со Уставот на Република Македонија. Претседателот на државата тоа како да не го приметил и секој акт поврзан со вооружените сили си го потпишува како врховен командант на вооружените сили на Македонија, а е претседател на Република Македонија.

Дали некогаш се има запрашано, а кои се тоа вооружени сили на Македонија? Војската е  Армија на Република Македонија, барем оваа регуларната, а за паравојската што заедно со НГШ на АРМ ја постројуваа на 25 февруари годинава на  манастирот Св. Јоаќим Осоговски незнам.  Полициајата  е во состав на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Значи нема вооружени сили на Македонија, а има врховен командант. Има вооружени сили на Република Македонија ама нема врховен командант.

Секој политичар па и обичен граѓанин кај нашиот јужен сосед кога ќе слушне за врховен командант на вооружените сили на Македонија ќе помисли на силни вооружени сили кои иако непостојат ама кога веќе има врховен командант може да ги мобилизира од сите краеви на географската област Македонија и да тргне во поход. Токму таквата употреба на зборот Македонија кога се мисли на Република Македонија ни создаде премногу проблеми.

Еднаш засекогаш треба да направиме разлика што е географски областа со име Македонија, а што името на државата Република Македонија. Значи, во преамбулата и членот 1 од  Уставот имаме Уставна одредница во името на државата, а тоа е Република и не ни требаат дополнителни одредници, доволно е Република Македонија. Со членот 3 од Уставот е предвидено дека државата Република Македонија е во постојната граница која е непроменлива, а со првиот  амандман на Уставот, Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Ова треба на секого да е доволно за да разбере дека овие Уставни определби  за државата Република Македонија во постојните граници не е исто што и областа Македонија, а самата уставна одредница Република Македонија не одвојува од династиите и кралството на античка Македонија.

Токму патот на остварувањето на стратегиските национални интереси требаше да преовладува во годишното обраќање на Претседателот на Република Македонија. Обраќање кое најмалку беше државничко, тоа не беше ниту стил за обраќање на лидер на партија, туку најмногу личеше на говор на претседател на месен комитет на политичка партија кој го чита добиениот текст од лидерот на партијата, а присутните меѓу кои и авторот на текстот требаше громогласно  да му ракоплескаат. Ако имаше желба да се претстави како татко на нацијата и врховен командант на вооружените сили во својот говор Претседателот требаше да зборува за тоа што сторил во текот на оваа година и што ќе стори во наредната година за да се подобри животот на граѓаните чиј претседател е токму тој и како да се подобрат условите за живот и работа на припадниците на вооружените сили на кои тој е врховен командант. Секако од пратениците во собранието требаше да побара да се смени членот 79 од уставот со што ќе стане вистински командант на вооружените сили на Република Македонија.

Обраќањето на Претседателот  брзо ќе биде заборавено, а јас ќе го искористам своето право да ги повикам пратениците во Собранието на Република Македонија да го променат членот 79 од Уставот со што Претседателот ќе биде врховен командант на вооружените сили на Република Македонија. Претставниците на институциите, медиумите и сите ние кога зборуваме за државата да го користиме уставното име Република Македонија. Кога зборуваме за некој дел од државата да користиме источниот, западниот, јужниот или северниот  дел на Репубика Македонија така на секого ќе покажеме дека немаме територијални претензии и дека сакаме да си го сочуваме уставното име. Ако бидеме сплотени и принципиелни во употребата на уставното име во блиска иднина Република Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ.

Велин Стојановски

магистер по национална безбедносна стратегија

полковник во пензија

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?