20 Април, 2024
0.0272

Ветувања, подлажувања, остварувања

Објавено во: Колумни 05 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Повеќе пари за граѓаните, можности за сите-за живот во Македонија; Секогаш работа, секогаш Македонија-почнува новата ера; Резултати, а не приказни-ти избираш; Слогани не еден, туку илјада и еден, во знакот на ритамот и римата,  симболични, метафорични,алегорични. Вклучите ли телевизор, пуштите ли радио, отворите ли некој портал, се вклучите ли на социјална мрежа, па и кога пешачите или возите ги гледате на билборди,нив секаде ги има-слоганите и до нив гордо исправени кандидатите. Веќе се плашите и фрижидер да отворите бидејќи може и од таму да ви извикне некој слоган па да ви попречи во дегустација на храната. Шегата на страна, но навистина е пренагласена целата кампања со слогани, при што навистина треба да имате добар желудник за сето тоа да го сварите, а уште потрагично е и што најмалите и најмилите, децата во предучилишните установи, орно ги говорат слоганите, горделиви, што запомниле нешто што нивните родители катадневно го повторуваат.

Колку може човекот да биде зол и да пласира лаги

Месецов се е во знакот на политичките кампањи, и октомври, кој обично е месец на зимници, месец на ставање туршија, правење ајвар и други домаќински работи, се претвори во месец кога се друго се заборави, а фокусот исклучиво остана во знакот на политичката битка. А политичката арена наликува на гладијаторска, и да не знаеш што се по вокација кандидатите за градски татковци или советници, слободно можеш да заклучиш, посебно по говорот на некои, дека се неуки и невоспитани и дека крајната цел им е да го навредат и омаловажат противникот. Следејќи ги кампањите добивате впечаток дека „р’вањето“ меѓу себе е поинтензивно и позначајно, отколку функцијата за која претендираат. Слушате, гледате и се запрашувате - колку може човекот да биде зол и да пласира лаги, невистини и погрдни зборови за својот политички противник, од една страна, и колку самите кандидати веруваат и се во согласност со слоганите кои наизуст ги кажуваат и континуирано повторуваат-веруваат во нив, се лажат самите себе си или едно говорат а сосема друго мислат?

Како слушате нова кампања, сфаќате дека не се достигнало дното, туку се копа уште подолу

Одговорите на горе споменатите прашања не се ни малку лесни и едноставни, туку повеќе димензионални и комплицирани. Најпрво, се запрашувате за злобата и лошотилокот на човекот и се чудите на нискоста до која може да се дојде, но како слушате нова кампања, сфаќате дека не се достигнало дното, туку се копа уште подолу. Не е ни чудно, бидејќи доволно е само да се присетите на дел од прислушуваните разговори и ќе ви стане јасно дека кај некои личности лошотилокот и негативизмот, желбата за освета и одмазда е толку голема, што го забораваат и минимумот човечкото во себе, а потребата да се нанесе зло на другиот и тоа да ви предизвика кај вас позитивна емоција е нешто што е надвор од нормалното и правилното.  За среќа паметот добро не служи се уште и се присетувате како некои политичари се соблазнуваа на несреќата на други, кои тие ја предизвикале и смеејќи се со посебна страст и сласт уживаа во болката на другиот. Е тоа е навистина за чудење и за друг надзор, не социолошки, повеќе психолошки, бидејќи знаејќи за нивните лоши намери и желби за одмазда сега ставаат слоган за нова ера. Секој добронамерник ќе се запраша, која нова ера и каква нова ера, нова ера за нови зулуми, нова ера за нови угнетувања, нова ера за нови малверзации, нова ера за ново уништување и на она малку автономно што остана на Универзитетите, нова ера за нови здравствени проблеми...Ма дајте ве молам, немаме кратко паметење, срамно и страшно е кога ја навредувате интелегенцијата на сопствениот народ, сепак немаме колективна амнезија и доволно помниме.  А за другите, ќе ги паметиме и нивните слогани и со ширум отворени очи ќе гледаме да навистина дојде животот во општините, бидејќи ако не е така, критиката од јавноста ќе биде уште поголема и посурова.

Проф. Д - р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет - Скопје


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок