Соседна земја „увезува“ работници од Молдавија и Украина
Објавено во: Балкан 22 Февруари, 2017
За да си го решат проблемот со недостигот на работна сила за летната туристичка сезона хотелиерите во Бугарија ќе бараат кадри главно од Молдавија и Украина, каде платата е иста како и во Бугарија.
Со промени во Законот за вработување, за миграција и работна мобилност тие ќе треба да склучат сезонски работни договори, а не да се потпираат на формата „студентски практиканти". Согласно новиот закон тие ќе добијат дозвола за сезонско вработување до 90 дена. Според експерти од индустријата, овие кадри ќе бидат вработувани на пониски работни позиции.
„Тоа од една страна е добро, а од друга страна бугарскиот бизнис не може да смета само на овие работници, бидејќи сепак тие треба да го знаат и бугарски јазик“ - рече Стојан Маринов од туристичка комора на Варна.
Странците ќе бидат назначувани како кујнски персонал, собарки, помошници на рецепција. Според Маринов тешко е човек кој не знае бугарски, независно од знаењето на руски и англиски јазик, да биде одговорен за сала или да биде виш администратор.
Минатата година речиси 500 луѓе од Молдавија и Украина работеле на Црното Море како стажанти.