24 Април, 2024
0.0289

Шарена револуција - една година потоа

Објавено во: Македонија, Колумни 14 Април, 2017

Добивај вести на Viber

Шарам нешто се и сешто, сегде нешто шарам - барам, шарам право, лево, десно, овде - онде ми е тесно, денес - утре кај да бидам, шарам - барам се да видам“...

Многумина со носталгија ќе си ги потпевнуваат споменатите стихови, кои во 90 - тите беа хит и тогашните деца и тинејџери со посебна жар и радост ги пееја заедно со главните јунаци на мега популарната серија Шарам - барам. Децата и тинејџерите кои тогаш се забавуваа на песните од шарам-барам, денес се изградени возрасни и зрели личности, дел од нив се овде, создаваат и творат во својата земја, дел некаде низ светот, во потрага по подобро утре, некои од нив се уште го бараат своето место под сонцето, а некои се дел од политичката елита и ги кројат нашите судбини. Но, сите нив ги обединува едно, а тоа е детството и спомените од него и секако тогашните емисии кои испраќаа многу мудри и силни пораки.

Симбол на една нова полетност

Стиховите и денес се многу актуелни, посебно ако со внимание ги проследите и ќе видите дека многу симболика, од денешна дистанца, има во нив. Мене пред се ме потсетуваат на минатата година и навистина ми будат и пријатни, но и лоши чувства. Точно пред една година, овие стихови беа многу актуелни бидејќи се симбол на една нова полетност и елан на обичниот граѓанин, кој во желбата да ја донесе слободата и правдината, ја создаде шарената револуција. Мојата емотивна двојба потекнува токму од самиот настан кој беше повод и причина да се создаде шарената револуција, а тоа е срамната аболиција на претседателот Иванов, со кој директно се изврши атак и удар врз демократијата, правдината,чесноста, а се аболицираше криминалот и злосторот. Е токму од тука тој негативен набој кај мене и изблик на страст и гнев, но од друга страна истиот настан беше и причина за една новост, за едно движење кое навестуваше нова пролет и борба за подобро утре. Не случајно говореле генерациите пред нас - секое зло за арно е.

Почна спонтано, стихијно

Шарената револуција почна спонтано, стихијно, без помпи и прес конференции, без лидери кои имале желба за себе промоција, без личности кои биле нереализирани и маргинализирани и сега ги начекале своите 5 минути за да се истакнат, без подготовки и организирани активности. Шарената беше и остана симбол на едно време-невреме, време на лажни идеали и вредности, време на испервертиран морал и искривени норми, време на еродирани вредности и морален вакум, но и време кога паднаа маските, кога лажните и гротесни ликови си го покажаа своето вистинско лице, време кога Мефистофел за малку ќе си дојдеше по своето. 

Шарената ќе остане запаметена по сплотеноста, по позитивниот дух и слободарските чувства кои бликаа од секој учесник, по искрените и топли насмевки и прегратки на пријателите и познаниците кои по долго време се сретнале, по благопријатноста и чистината на целото движење, по искрените намери и силната воља кај секој добродетел и добронамерник-учесник, па на крај и по иконографијата која до ден-денес обележува некои објекти. Можеби некој ќе ми залепи етикета на вандал, уништувач на имот и државен објект, но јас иако не секогаш директно, и индиректно ги подржувам сите активности на шарените, бидејќи социолошки, тоа е револт на една генерација, револт на луѓе кои под плаштот на стравот и гневот најдоа начин да си ги изразат своите визии, гледишта и ставови за некои објекти, посебно за објектите кои беа дел од проектот Скопје 2014. 

И да не генерализирам и да не ставам знак на еднаквост кај сите објекти, но токму оние кои се симбол на кичот и невкусот, симбол на окултизам и желба за доминација, или во стилот на великанот Ниче, објекти кои на суптилен начин го симболизираа над човекот, беа обележани. Па секој има право во својата земја, на себе својствен и инвентивен начин да изрази револт кон нештото, макар и да го нагрди ( а во случајот му даде еден поинаков белег), бидејќи сето тоа е создадено од негови пари. Шарената го одразуваше духот на еден револуционерен народ, на луѓе со идеи и визии, на луѓе кои се одважија и покажаа дека во својата држава имаат право и да кренат глас, личности со интегритет, познати и признати, луѓе кои не се делеа по никава основа и го прифатија религиски, етнички и културно другиот...се после шарената е само бледа копија и имитација, а плагијатите знаеме како завршуваат.

П.С. Многу симболики има април, април 2012, 2016, настани кои не смеат да се заборават, настани кои донесоа многу солзи и болка кај многумина, но и настани кои го изнедрија и животинското во човекот..Сето тоа ќе биде запаметено и треба секој да има на ум дека правдината и вистината можеби забавуваат, но не се забораваат...


Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

ИЗЛЕЗНОСТ ПО ОПШТИНИ: Како тече гласањето ширум Македонија?

ИЗЛЕЗНОСТ ПО ОПШТИНИ: Како тече гласањето ширум Македонија?

МАКЕДОНИЈА ГЛАСА: Обвинителството го следи изборниот процес за евентуални кривични дела

МАКЕДОНИЈА ГЛАСА: Обвинителството го следи изборниот процес за евентуални кривични дела

ДЕНЕСКА Е НЕРАБОТЕН ДЕН: Македонците се упатија кон Грција

ДЕНЕСКА Е НЕРАБОТЕН ДЕН: Македонците се упатија кон Грција

ДО 9 ЧАСОТ: Колку граѓани гласале?

ДО 9 ЧАСОТ: Колку граѓани гласале?

ДАШТЕВСКИ: Доставени се 12 приговори за заштита на личното избирачко право

ДАШТЕВСКИ: Доставени се 12 приговори за заштита на личното избирачко право

ТОШКОВСКИ OЧЕКУВА МИРЕН ДЕН: Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес

ТОШКОВСКИ OЧЕКУВА МИРЕН ДЕН: Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес

ЈСП ОСТАНА БЕЗ НАЈПОЗНАТАТА ЖЕНА ШОФЕР НА АВТОБУС: Макфире Шакири замина на печалба

ЈСП ОСТАНА БЕЗ НАЈПОЗНАТАТА ЖЕНА ШОФЕР НА АВТОБУС: Макфире Шакири замина на печалба

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Готовите лични документи можат да се подигнат и денеска

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Готовите лични документи можат да се подигнат и денеска

ДОКТОР БЕЌАРОВСКИ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ЈАВНОСТА: Ви благодарам на сите за поддршката

ДОКТОР БЕЌАРОВСКИ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ЈАВНОСТА: Ви благодарам на сите за поддршката