20 Април, 2024
0.0242

Санкциите и бизнис логиката на Трамп

Објавено во: Колумни 11 Август, 2017

Добивај вести на Viber

Воведувањето на најновите американски санкции кон Русија и нејзиниот одговор добиваат нова - интересна разврска. Не дека тие ќе бидат укинати или преразгледани, туку даваат можност да се види претприемачкиот и иновативниот дух на некои од актерите во целата таа игра со санкции.

Ова претприемачки секако се однесува на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој и така е бизнисмен, а неговиот руски колега Владимир Путин е политичар со тапија. Колку за потсетување претседателот Трамп мораше да го потпише предлог законот за воведување санкции кон Русија, донесен речиси едногласно во американскиот конгрес и сенат. Владимир Путин, пак, на крајот на јули соопшти дека Русија треба да ја напуштат 755 луѓе  со дипломатски статус кои работат во американските дипломатски претставништва во таа земја. Да се сведе на бројката од 455 луѓе колку што има Руси со дипломатски статус во САД.

И, вчера Трамп на сериозно новинарско прашање, како се однесува кон кратењето на американскиот дипломатски персонал во Русија, неочекувано за многумина, реагираше нетрадиционално за американски услови. „Сакам да му се заблагодарам нему (Путин), бидејќи  се обидуваме да ги намалиме трошоците за вработените. Што се однесува до мене, многу ми е драго што тој отпушти голем број луѓе, бидејќи сега имаме помалку персонал. рече американскиот лидер, додавајќи дека нема причина тие да се вратат во Русија.

Дали проработи бизнис логиката на Трамп при давањето на оваа изјава или пак таа е шега зад која се крие нешто друго. Тој, според она како се однесува во надворешната политика досега, повеќе личи на бизнисмен, отколку на политичар. Веќе сме пишувале на страниците на Фактор за неговите зделки со Саудиска Арабија, продажба на оружје за над 100 милијарди долари, со Катар, исто така продажба на оружје од над 10 милијарди долари, па инсистирањето на изградба на ѕид кон Мексико, кој мора да го платат Мексиканците и секако настојувањето членките на НАТО да си ги исполнуваат обврските за одвојување на два процента од БДП за одбрана, а не да чекаат Американците да трошат пари за нивна заштита во рамките на Алијансата.

Од ова може да се заклучи дека американскиот претседател, барем јавно, навистина спроведува своја бизнис логика. Така личи и одговорот за протераните Американци. Згора на тоа ова е одговор кој сигурно не го очекуваа Русите. Трамп им се обраќа ним со порака дека „вашите санкции не’ удираат по нашите интереси, дури напротив се од полза за нас“. Москва сигурно ќе биде изненадена, бидејќи сметаше и смета дека со протерувањето на дипломатскиот персонал ќе нанесат штета на Американците. Секако и во тоа има одреден дел вистина, бидејќи санкциите ќе удрат пред се врз Стејт департментот и разузнавачките служби, заради намалениот персонал…Но Трамп си го турка своето. Особено ако се знае дека во Стејт департментот се уште има сили од претходната власт, а исто така и неговиот однос кон американската разузнавачка заедница не дава повод да се зборува дека многу ја милува. Особено по она што се случува со истрагите околу неговото наводно шурување со Русите за време и пред ланските претседателски избори во САД. 

Кога Русите ги воведоа контра мерките Стејт департментот таа одлука на Москва ја нарече „неоправдана мерка“, која „предизвикува жалење“. „Ние го проценуваме влијанието на таквото намалување и како ќе одговориме на тоа.“ прокоментираа таму. Пред тоа, портпаролот на Стејт департментот Хитер Науер изјави во интервју за Вашингтон пост дека САД се „длабоко разочарани и протестираат“ поради одлуката на Москва. Таа рече дека државниот секретар Рекс Тилерсон и амбасадорот Џон Тефт веќе ја пренеле позицијата на Вашингтон до руските власти. Според најновите сознанија САД имаат намера да одговорат на протерувањето на американските дипломатски претставници од Москва. А според државниот секретар, Рекс Тилерсон, Вашингтон ќе донесе одлука до 1 септември. Дали тоа ќе биде протерување на руски дипломати или нешто друго засега не се знае.

Во наредните двесетина дена во САД ќе се крои планот како да се одговори на Русите.. За тоа се задолжени во Стејт департментот. Барак Обама, пред крајот на својот мандат протера 35 руски дипломати и одзеде руска дипломатска сопственост. Тогаш, иако сите очекуваа руски одговор, Путин си го задржа правото на одговор, кое го искористи по најновите американски санкции, па протера американскиот сипломатски персонал и ја лиши американската амбасада да користи недвижности во Москва.

Каков и да биде епилогот со американскиот контра одговор Трамп ќе се обиде да го релативизира. Како што  го направи тоа со најновите санкции кон Русија, за кои рече дека не се негови, туку на Конгресот и Сенатот и дека евентуалните последици од нив ќе бидат на грбот на конгресмените и сенаторите кои го изгласаа. Тој и да сака не може да направи нешто конструктивно, бидејќи е врзан со „истрагата за руските врски“. Во поглед на Русија, со законот што го потпиша, неговата политика е ставена во скутот на конгресмените. А Америка ќе ја прави повторно голема, како што најавувуваше во предизборието, со бизнис-политичките зделки, како што споменавме погоре, со притисок Европа да го купува америанскиот течен гас, наместо рускиот и секако со зголемување на американската воена моќ. Па така неговата предизборна желба за подобрување на односите со Москва тешко ќе се оствари. Иако одвреме навреме тој дава знаци дека не се откажал од неа.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок