19 Април, 2024
0.0281

САД во „војна“ со Европа заради Русија

Објавено во: Колумни 16 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Американскиот сенат со огромно мнозинство вчера го усвои предлог законот за санкции во однос на Русија и Иран. Сега документот ќе оди на одобрување во Конгресот, а потоа ќе му биде даден на потпис и на претседателот Доналд Трамп.

На прв поглед овде нема ништо ново. Предвидените санкции се подготвуваа уште пред заминувањето на претседателот Барак Обама, кога демократите беа замелушени од поразот на Хилари Клинтон на претседателските избори. Демократите во сенатот и „воинствени“ републиканци постојано повикуваа во изминативе месеци за засилување на санкциите кон Русија. Очигледно демократите никако не можат да ги заборават сајбер нападите врз Националниот комитет на Демократската партија.

Но, сега имаме пред нас документ кој не е само „казнување“ на Русија. Со него, доколку го мине Конгресот и биде потпишан од Трамп се отвора и „војна“ со Европа. Предлогот на сенаторите наиде на жестока критика од страна на Германија и Австрија.

Што предвидува предлог законот усвоен во Сенатот? Пакетот ограничувања во однос на Русија предвидува засилување на постојните санкции, но и воведување нови. Покрај ограничувањата кон лица, наводни учесници во сајбер нападите околу претседателските избори во САД лани, документот вклучува санкции и кон нарушители на човековите права и испорачување оружје во Сирија. Новите санкции ќе се однесуваат и на рударството, морскиот и железничкиот транспорт. Исто така предвидено е скратување на максималниот рок на пазарно финансирање од страна на американски банки на руските банки, кои се наоѓаат под санкции до 14 дена, а компаниите од нафтениот сектор до 30 дена. Со предлогот е предвидено и казнување на американски и други компании кои што имаат намера да инвестираат во изградбата на руски извозни гасоводи и нафтоводи повеќе од пет милиони долари годишно или еден милион долари еднократно, а исто така и кои даваат услуги, технологии или информациона поддршка.

Новото во овој пакет мерки е тоа што САД „продолжуваат да се противат на изградбата на гасоводот „Северен поток - 2“, имајќи го предвид неговото погубно дејство врз енергетската безбедност на ЕУ и развојот на пазарот на гас во Централна и Источна Европа и врз енергетските реформи во Украина“. Така стои во текстот на предлог законот.

И токму тука им „пукна филмот“ на германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел и австрискиот претседател Кристијан Керн, кои вчера од Берлин испратија заедничко соопштение во кое повикуваат Американците да ги преиспитаат мерките за засилување на антируските санкции во областа на енергетиката. Според нив тие мерки претставуваат закана за европските компании кои учествуваат во развојот на снабдувањето на Европа со енергенси, противречат на меѓународното право и се закана за европската енергетска безбедност. „Политичките санкции не треба да влијаат врз економските интереси. И  заканувањето со казнување на компании од Германија, Австрија и други европски земји, заради тоа што тие учествуваат во проекти со гас во Русија, како „Северен поток – 2“, или нив ги финансираат, воведува крајно нов и многу негативен квалитет во евро-американските односи“, се вели во заедничкото соопштение на Габриел и Керн. „Енергетското обезбедување на Европа – тоа е европско прашање, а не на Соединетите Американски Држави. Кој ни испорачува енергенси и како, решаваме ние“, нагласуваат двајцата во соопштението.Тие сметаат дека единствена цел на новите санкции е обидот за пробивање на европскиот пазар на американскиот течен природен гас.

Досега не сме биле сведоци на ваква реакција од Европа кон САД. Ова веќе е одење чекор понатаму од повикот на Канцеларката Ангела Меркел „Европјаните да си ги земат работите во свои раце“ и да не се надеваат на САД. Иако станува збор само за две држави, сепак нивната тежина, особено на Германија, дава право да се зборува за Европа. Америка како да заборава дека на овој начин забива клин и во самата Европа. Не треба да се верува дека тоа го прави и намерно, но ништо не се знае. Гасоводот „Северен поток – 2“ има долга предисторија. По изградбата на „Северен поток – 1“, Русија предложи уште два паралелни цевковода со што би се зголемило количеството на гас кое што се испорачува кон потрошувачите од Европа. Интересот на Русија е јасен. Ќе го зголеми количеството на гас кое што оди во извоз, а истовремено ќе реши дел од проблемот што со години го има со Украина при транзитот на руски гас низ таа земја, кога Украинците „крадат“ руски гас и постојано се јавуваат проблеми околу цената на транзитот низ Украина. А сумата пари  која се споменува во тие кавги изнесува милијарди долари. Милијарди долари ќе биде и загубата на Украина, ако рускиот гас не транзитира низ неа.

На ваквиот однос на Русија кон Украина, особено по настаните во 2014 година, најмногу реагираа Балтичките држави и Полска, но и некои други европски држави. Се пишуваа претставки до европските институции за спречување на изградбата на паралелниот гасовод, но не се постигна ништо. Германија беше обвинувана за двојни стандарди. Демек е против „Јужен тек“, кој требаше да минува низ Бугарија кон Европа и за почитување на европската енергетска политика, а од друга страна го поддржува градењето на „Северен поток – 2“. За воља на вистината Русија мораше да се помири и да се согласи со многу барања и ограничувања за да може да влезе во реализација на проектот.

Вкупно пет европски компании Engie, OMV, RoyalDutchShell, Uniper и Wintershall, учествуваат во фиансирањето на изградбата на магистралниот гасовод. Во согласност со договорот склучен во април годинава европските партнери оператори на гасоводот NordStream 2 AG се должни да платат 50 проценти од вкупната вредност на гасоводот, а која во моментов се оценува на 9,5 милијарди долари. Информација од „Гаспром“ вели дека NordStream 2 AG од европските парнери ги добила парите предвидени за оваа година. Со овој проект се предвидува во Европа да се испорачуваат уште 55 милијарди кубни метри гас годишно низ двата цевковода кои ќе бидат поставени на дното на Балтичкото море до Германија. Изградбата би почнала догодина и треба да заврши до крајот на 2019 година. Американците, попрецизно потпретседателот Џо Бајден, лани лобираше против изградбата на гасоводот дури во Шведска, но очигледно не успеа во тоа, затоа што Шведска ги даде потребните дозволи за изградба на гасоводот.

Што ќе се случи, ако законот помине во Конгресот и биде потпишан од Трамп во сегашната форма? Германскиот политолог и новинар, познавач на руските прилики, Александар Рар, навестува скандал. Во една своја вчерашна изјава тој вели: „Ми се чини дека германскиот министер за надворешни работи Габриел за прв пат експлодираше, тој едноставно ја разбра целата позадина на американските санкции, кои изникнаа  од ништо. Од една страна, да, разбирливо е дека санкциите европејците ги воведуваа заради украинската криза. А сега од ништо, без доказ дека Русија наводно се мешала во американските избори, Сенатот глупо гласа за прифаќање на многу жестоки санкции не само во однос на руски компании, туку индиректно и против оние западни компании, кои зависат од американсиот пазар, но работат со руски партнери. Мене ми се чини дека сега зрее голем скандал. Госпоѓата Меркел последниве години цело време се трудеше да не зборува ништо ни на своите, ни на Русите. Но,сепак се залагаше за санкции во однос на Русија, разбирајќи дека мнозинството влади во Европа се застапуваа за санкции. Во сегашната ситуацијатаа нема да го потопи својот министер за надворешни работи, и мене ми се чини дека работите повеќе одат кон солидарна позиција на Европа, која нема да го поддржи режимот на санкции, особено имајќи го предвид поводот кој сега го кажува американскиот естаблишмент“

Сето ова што се случува и’оди во полза на Русија. Таа сега нема да биде сама оставена на ветрометината пред новите американските санкции. Второ, ќе ја постигне нејзината наводна цел, како што велат на Запад, за раскол во неговото единство кон потезите на Русија. Трето ќе се потврдат ставовите на Владимир Путин, рускиот претседател, дека САД ако треба ќе измислат повод за воведување санкции. Овојпат за протуркување на нечии бизнис интереси. Во прилог на ова оди фактот што во завршната верзија на предлог законот во последен момент беше направена корекција, па изостана предлогот за воведување на санкции кон NASA, која соработува со Русија од каде што купува ракетни мотори веќе долга низа години.

Мирче  Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок