Рама: Храбра визија на Вучиќ за иднината на Србија и Косово
Објавено во: Балкан 15 Август, 2017
Албанскиот премиер Еди Рама позитивно ја оцени пораката на српскиот претседател Александар Вучиќ за внатрешен дијалог за решавање на косовското прашање што може да биде значаен чекор за подобрување на односите меѓу Србите и Албанците.
- Мошне ја почитувам иницијативата на Александар Вучиќ да повика за внатрешен дијалог во Косово и така директно и неконвенционално да се соочи со минатото - рече Рама.
Тој за „Блиц“ истакна дека во авторскиот текст на Вучиќ во кој повика на внатрешен дијалог за Косово „можел да почувствува вистинска болка и истовремено импресивна одлучност“ и нагласи дека по тој прв чекор на Вучиќ продолжил да развива мошне храбра визија за иднината на Србија и Косово.
- Засега можеме да кажеме дека е важно напорно да работиме сите заедно до решение, трепеливо, директно и неконвенционално. Сите мораме да имаме на ум дека пронаоѓањето на решение за ова прашање е во интерес на сите, не само на Албанците. Што порано, тоа подобро - рече Рама.
Во врска со предлогот на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ косовскиот проблем да се реши со поделби, албанскиот премиер смета дека да се почне оттаму воопшто не е позитивно.