19 Април, 2024
0.0304

По десетти пат марш на црвените чадори! Сексуалните работници мета на насилство и дискриминација

Објавено во: Македонија 17 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

“Политиките кои ја криминализираат сексуалната работа овозможуваат и стимулираат насилство врз сексуалните работници, истите никако не влијаат на намалување на бројот на сексуални работници или клиенти. Сексуалната работа не може да се „истреби“, туку можат само да се регулираат условите во кои истата ќе се одвива. Наместо наметнување на двоен морал или наивно верување дека доколку е криминализирана сексуалната работа нема да постои или ќе се намали, треба реално да размислуваме и да поддржиме политики кои ќе овозможат сексуалната работа да се одвива во најповолни услови за сексуалните работници, имајќи ги предвид човековите права, достоинството и интегритетот на сите оние кои одлучиле да се занимаваат со оваа професија” - вели за Фактор, Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Во центарот на Скопје по десетти пат се случува маршот на црвените чадори организиран од Стар-Стар, со кој потсетуваат  дека сексуалните работници постојат и итно треба да се преземат мерки за нивна заштита од насилство. Невладините алармираат дека се потребни активности за сензибилизација на институциите  и правно застапување за нивните права.

Маргинализицијата, а со тоа и социјалното ислучување на сексуалните работници според неа ги прави група ранлива на различни форми на насилство кое може да доаѓа од страна на клиенти и насилници кои имаат за цел да вршат рекет кон сексуалните работници. Во 2016 година, во Коалицијата биле  пријавени 11 случаи на вербално и физичко насилство кон сексуални работници. Пет од овие случаи се насилство кон сексуални работници, транс-жени, а другите шест се случаи на насилство кон жени што се сексуални работнички.

“Многу загрижувачко е тоа што во 10 од 11 документирани случаи, полициски службеници се сторители на повредата на правата. Од овие 10 случаи, во 3 случаи полициски службеници се директни сторители на повредата преку навреди и понижувачко однесување кон сексуални работници на отворена сцена и неосновано лишување од слобода и задржување во полициска станица. Еден од документираните случаи се однесува и на  силување сексуална работничка од страна на полициски службеник, односно повеќекратно изнудување секс, проследено со закани кон сексуалната работничка дека доколку каже некому, ќе ја пријавел во полиција и ќе ѝ наштетел на приватноста. Жртвата не се осуди да го пријави случајот во полиција бидејќи е уплашена за последиците. Во другите седум случаи, полицијата ги повредила правата на сексуалните работници откако се обиделе да ги пријават случаите на насилство. Во овие случаи, полицијата не постапила согласно законот и не презела ништо за да ѝ помогне на жртвата и да го казни сторителот, а во пет од нив, по пријавувањето во полиција, жртвите дополнително се соочувале со навреди, закани и понижувачко однесување”- вели Дрндаревска.

Осудите и стигмата како што вели  ги оддалечува сексуалните работници од институциите, па така тие  немаат доверба дека институциите ќе им помогнат, односно нема да се почитува нивната приватност до стравот дека доколку пријават случај во полиција тие ќе бидат мета на полициски прогон, наместо насилниците.

“Последното истражување кое го спроведе Коалицијата заедно со ХОПС оваа година, повторно го потврдува истото. Податоците од истражувањето покажуваат дека сексуалните работници често се изложени на навреди и на насилство од околината и од поедини полицајци, но не се решаваат да пријават во полиција поради тоа што се изложени на деградирачко однесување или поради страв од одмазда од страна на полицајците. Дел од сексуалните работници кои се решиле да пријават насилство во полиција наместо задоволување на правдата самите биле казнети. Недовербата кон полицијата оди до таму што повеќето сексуални работници сметаат дека полицајците соработуваат со сопствениците на клубовите во кои се нудат сексуални услуги”- потенцира Дрндаревска.

Дополнително  според неа се присутни морализирањето и осудите па наместо емпатија и разбирање, многу лесно  преку личните  морални судови  се загрозуваат благосостојбата и правата на цела група граѓани.

“Според наодите од последното истражување сексуалните работници често се изложени на потсмев и на маргинализација од страна на соседите, роднините, но и од страна на непознати лица на кои им е позната или имаат претпоставки за нивната професионална ориентација. Она што е покарактеристично е што и семејствата, најчесто децата на сексуалните работници се изложени на ист или сличен третман од околината. Постојат примери на вакви исмевања или малтретирања на децата на сексуалните работници од страна на своите врсници или од страна на вработените во градинките или училиштата каде што посетуваат настава”- нагласува Дрндаревска.

Во рамки на програмата за превенција од ХИВ, како што вели здруженијата на граѓани развија сервиси и за сексуалните работници, кои се пристапни, доверливи и сензибилизирани за да работат со оваа група. Здрженијата на граѓани нудат бесплатни контарцептиви, тестирање и советување за ХИВ и други сексуално преносливи инфекции, бесплатни гинеколошки прегледи и услуги за сексуално и репродуктивно здравје, кои редовно се посетуваат од страна на сексуалните работници бидејќи имаат доверба во здруженијата.

“Сепак, здравствената заштита на сексуалните работници не можеме целосно да ја оставиме во рацете на здруженијата на граѓани кои пак во изминатиот период се соочуваат со кратење на буџетот за ХИВ и намалување на бројот на услугите. Потребни се дополнителни напори за сензибилизација на здравствениот персонал за нудење здравствени услуги на сексуалните работници и секако одржливост на постоечките сервиси и нивно унапредување. Во здравството во кое сите се соочуваме со распаднати и лошо опремени здравствени установи, несоодветен и недостапен третман и масовно прекршување на правата на пациентите, доколку ја додадеме стигмата која здравствените работници ја имаат кон сексуалната работа ќе дојдеме до заклучокот дека сексуалните работници се несразмерно повеќе погодени од загрижувачките состојби во здравството. Повеќето здравствените работници доколку знаат или претпоставуваат дека пациентот е сексуален работник, дополнително ќе го отежнат пристапот кон бараната здравствена услуга”- смета Дрндаревска. 

Според неа  моделот на декриминализација на сексуалната работа нуди најдобри резултати во однос на заштита и гарантирање на правата на сексуалните работници и заштитата од злоупотреба и насилство и ги вклучува реалните потреби на сексуалните работници  како рамноправни чинители во креирањето политики кои се однесуваат на нивната професија.

“Навистина е морализаторска, па дури и наивна позиција да мислиме дека сексуалните работици се „виновни“ за постоењето на сексуалната работа. Штом постојат сексуални работници, постојат и клиенти кои доброволно ги користат нивните услуги. Клиентите на сексуалните работници исто така не се хомогена група, па помеѓу нив сигурно има и полициски службеници, вработени во други институции и донесувачи на одлуки кои во друга ситуација се наоѓаат во улога на прекршувачи на правата на сексуалните работници. Секако дека постои и стигма кон клиентите на сексуалните работници, а се случува и клиентите да бидат мета на закани и уцени од страна на полицијата. Во некое општество изолирано од предрасуди и клиентите се тие што би требало да ги поддржат сексуалните работници во борабата за нивните права, бидејќи на тој начин ќе можат да ги купуваат сексуалните услуги побезбедно. Како што истакна и антропологот Лаура Аугустин на вчерашното предавање, ако сметаш дека сексуалната работа е неморална или грозна едноставно не ја работи или не купувај услуги, но немој да се осмелуваш сопствените морални судови да ги наметнуваш на други луѓе во чии чевли никогаш не си одел”- порачува Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. 

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?