29 Март, 2024
0.3724

Нема отстапки од албанската платформа но, кој ќе парадира како победник?

Објавено во: Анализа 16 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

За албанските партии во моментов освен ДПА која не учествува во преговорите за нова влада, најважна е албанската платформа која е заедничка на ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, но и покрај договорените барања со посредство на Еди Рама, партиите и натаму се во меѓусебен судир

Доколку сите три субјекти влезат во новата влада тогаш кој ќе ја води албанската опозиција? Токму потребата на БЕСА и Алијансата на Албанците да му контрираат на Ахмети непризнавајќи го неговиот кредибилитет и авторитет, како и постојаното критикување за погрешните политики ужасно го комплицира целиот процес на договарање со СДСМ која треба да ја предводи новата влада со Заев како мандатар.

Секако, за сите да бидат среќни и задоволни постои можност БЕСА да даде поддршка со своите пратеници за новата влада, но да не учествува во самите извршни органи и на тој начин да се дистанцира и критикува како една хибридна опозиција. 

Во овој период има премногу калкулации, секогаш се гледа и личниот или партискиот интерес бидејќи се ближат локалните избори па албанските партии ја користат секоја можна прилика и да се покажат како цврсти во однос на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, да ги убедат Албанците дека токму тие им ги заштитуваат етничките права и дека без нив не може ништо да се реши во државава.

Таа игра досега најдобро ја игра ДУИ но, за нив има голем ризик ако не ги прифатат основните барања на Албанците не за етнички права туку за вистински промени со поддршка за СЈО и казнување на лошите политики со ВМРО-ДПМНЕ. 

Тоа го покажа и последната анкета објавена од Телма каде рејтингот на ДУИ се топи, а СДСМ има се поголема поддршка од албанските гласачи кои никако не сакаат да видат уште една влада предводена од Груевски во кој имаат целосно изгубено доверба, па таа порака Ахмети мора да ја разбере инаку ќе претрпи големи последици.

БЕСА секако, е во најдобра позиција бидејќи има слобода во кој правец ќе ја продолжи својата активност, дали ќе се обиде да ги преземе гласачите кои со граѓанските идеи отидоа на контото на СДСМ или пак, ќе игра на радикалната карта и ќе бара поголеми права за Албанците кои опасно се движат кон ирендетизам за да добие од потврдокорното гласачко тело кое според моја претпоставка повеќе ќе се насочува кон Зијадин Села и новата партија Алијанса на Албанците.

Кога сме веќе кај нив, Алијансата на Албанците има неколку места во Македонија каде на локалните избори може да помине добро и да освои барем една градоначалничка фотелја која ќе им овозможи да опстојат на политичката сцена сосема разбирливо со порадикални настапи и напади врз ДУИ и претходно на ДПА.

Токму поради овие комплицирани односи ќе биде многу тешко во новата влада да има две па дури и три албански партии. Се вели дека албанската платформа е „фикс“ и од неа нема отстапки, но изгледа поважно е кој политичар најдобро ќе ја искористи во своја цел наместо реално да ги исполни поставените барања. 

Таа „пукнатина“ СДСМ мора паметно да ја искористи во своја полза и да покаже пред македонскиот народ дека нема да прифаќа секакви барања и дека ќе знае каде да ги постави црвените линии кога се во прашање македонските интереси со цел да не дојде до нови конфликти. 

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот