25 Април, 2024
0.0258

Миноски уверува, пари во буџетот има, исплатата на субвенциите зависи од Уставниот суд!

Објавено во: Агробизнис 27 Април, 2017

Добивај вести на Viber

Деблокадата на исплатата на субвенциите сега е во рацете на Уставниот суд. Одлуката на Уставниот суд ја чека и министерот за финансии Кирил Миноски. Тој во интервју за телевизија 24 изјави дека доколку Уставен го оспори членот нема да има пречка за исплата на субвенциите оти како што изјави во Буџетот има пари за субвенциите.

„Слушнав за иницијативата, доколку Уставниот суд го оспори тој член не би постоеле пречки за исплата на субвенциите. Имаме соодветна ликвидност, паричните средства за исплата на субвенциите не се проблем, се надевам дека до законскиот рок, 30-ти јуни ќе ги добијат субвенциите“, изјави Миноски.

Како што Фактор ексклузивно објави, минатата недела земјоделското здружение „Агротиквешија“, поднело иницијатива за оспорување на членот 8а став еден, два и три од Изборниот закоин, според кои  се забранува исплата на субвенции до формирање на нова Влада. Претседателот на здружението Љупчо Аризанов, вели дека очекува членот да биде оспорен. 

„Очекуваме Уставниот суд да го оспори членот. Немаме информација кога судот ќе расправа за нашата иницијатива. Не знам како ќе биде, но  ние само си ги бараме субвенциите.Ако Уставен не го оспори членот и ако не почне исплатата на субвенциите ќе видиме што ќе преземеме, тоа ќе зависи од случувањата така ќе бидат и нашите барања, може и протести да има“, вели Аризанов.  

Од Уставниот суд потврдија дека има таква инцијатива но оти не се знае кога судот ќе ја стави на дневен ред за расправа. 

Според правниците ако Уставниот суд го оспори членот, тогаш министерството за финансии треба да постапи согласно одлуката на судот и да почне да ги исплаќа субвенциите.

„Ако се укине членот на законик со кои се предвидуваат забраните, тогаш нема забрана и нема правно дејство и тогаш нема законска база да се повикуваат надлежните на законски пречки. А во однос на Собранието, тоа треба да постапи по упатствата на Уставен суд, и тогаш парламентот е надлежен да види што треба да се стори со законикот, кои одредби треба да останат а кои да се дополнат. Но, самата одлука на Уставниот суд со која ако условно речеме се оспори членот, тогаш  таа одлука има извршно дејство и таа е правосилна и треба да се спроведува на тој начин што сега министерството за финансии ќе биде покриено и со одлуката на Уставен суд нема забрани за исплата.Во тој случај Министерството за финансии треба веднаш да почне со исплатата оти тогаш нема ниту кривична одговорност“, вели универзитеткиот професор Осман Кадриу.

Според Кадриу, и во случај Уставниот суд да не го оспори членот, надлежните треба пошироко да ги толкуваат одредбите од законикот, односно субвенциите треба да са исплаќаат. 

„Мислам дека и без да се поднесе иницијатива одредбата од членот од Изборниот законик треба да се толкува пошироко. Службениците не може да одговараат кривично оти тој се однесува на фиксни рокови односно додeка трае изборната кампања, изборите и додека не се формира влада.А со оглед дека овие рокови се поминати таа забрана не може да произведува правно дејство. Ние немаме избрано нова Влада, а во законикот се мисли на оној уставен рок за избор на нова влада а тој уставен рок е повеќекратно поминат. Немаме ние избори сега за кои исплатата на субвенциите сега некако би влијаела врз резултатите. Според тоа не смее да има забрана и треба да се изврши исплата, тоа е обврска на државата. Со самиот факт дека изборите се поминати, забраната веќе не може да се применува. Овие забрани на кои се повикуваат во министерство за финансии апсолутно не држат, тие сметаат ако направат исплата ќе направат некое кривично дело.Апсолутно во конкретниов случај нема никаков прекршок, исплатата е обврска на државата оти субвенциите се планирани во Буџетот секоја година. Државата треба веднаш да им ги исплати субвенциите на земјоделците тие од тоа живеат“, вели Кадриу. 

Дел од земјоделците и покрај поднесената иницијатива, не отстапуваат барањето за средба со министрите за финансии Кирил Миноски и за земјоделство Михаил Цветков. Земјоделците им дадоа рок до петок најдоцна да ги повикаат на средба, во спротивно најавија декаќе го парализираат главниот град, а  тракторите и добитокот ќе ги донесат пред Министерството за земјоделство. Земјоделците пред два дена одржаа предупредувачки протест со блокади на неколку патни правци во земјава и пред ресорното министерство.  

Речиси седум месеци надлежните лиферуваат образложенија зошто е стопирана исплатата на субвенциите.Исто толку време се лицитираше и со рокови кога ќе се деблокира исплатата. Засега останува непознато кога земјоделците ќе видат пари на сметка, оти се зависи кога и каква одлука ќе донесе Уставниот суд. Државата на земјоделците им должи околу 95 милиони евра од кои поголемиот дел за субвенции за 2016, но дел и за 2015 и 2014 година.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади