19 Април, 2024
0.0277

Македонија 2017 - Пресвртна година која ќе сакаме што побрзо да ја заборавиме

Објавено во: Колумни 31 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

2017 година ќе ја паметиме по многуте политички па дури и безбедносни кризи кои можеа да ја претворат Македонија во земја на работ на меѓуграѓански судир. Долго време се кршеа копјата за доделување на мандатот од претседателот Иванов, но не пред да поминеме низ повеќе протести и заострување на политичката реторика која ги зовриваше страстите на граѓаните нестрпливи за конечна разрешница со „предавниците“. 

Пишува: Христијан Станоевиќ

По драмите пред ДИК, прегласувањето во Теарце, одбивањето на Ахмети да коалицира со Груевски, се поизвесно беше дека „режимот“ по 11 години конечно ќе биде сменет со нова политичка гарнитура која ветуваше дека повторно ќе го донесе животот во Македонија и ќе се посвети на реформи кои ќе ја зајакнат демократијата и ќе не доближат до евроатлантските организации. 

Патот до „животот“ беше крвав, па откако новото парламентарно мнозинство си избра собраниски спикер следеше упадот во Собранието на критичниот 27 април. Повеќе пратеници беа брутално нападнати, меѓу кои и идниот премиер Зоран Заев пред очите на целата македонска но, и меѓународна јавност. Целата деструктивност која ја демонстрираше Груевски мораше конечно да заврши и шанса да им се даде на СДСМ и нивната коалиција која ја формираше новата влада со големи очекувања дека ќе дочекаме политичка стабилизација и враќање на нормалниот политички дијалог. СДСМ значајно време посвети на меѓународната политика, формираше работни групи кои ги подготвуваа новите законски решенија и трпеливо менуваше легислатива во Собранието каде има тесно мнозинство. 

Локалните избори и мораториумот на ефективно применување на власта исто така допринесоа за губење на нови месеци во изборни кампањи, менување на темите за локална самоуправа, загадениот воздух, дивата урбанизација и загрозената животна средина. Илјадници ветувања, надежи кренати до плафон, изморени граѓани од вечното чекање за подобро утре и разногласие на социјалните мрежи каде е најтешко да се наметне заедничка вредност, приоритет и перспектива за тоа како да продолжиме понатаму со сите општествени рани од кои крвариме веќе со години. 

Премиерот покажа регионално лидерство, прерасна во политичка ѕвезда кај меѓународната заедница, одржа повеќе заеднички седници на влади на соседните држави во два месеца отколку во целокупната историја на македонската надворешна политика. Но, на домашен терен видливо е отсуството на поголемо лидерство, особено кај луѓето кои покрај Заев треба да ги туркаат најважните реформи. Можеби недостигот на поконкретни чекори се должи на тромавото парламентарно мнозинство кое не може одеднаш и набрзина се да промени и да ги изгласа потребните легислативи, но исто така недостасува поголема визија дека ветените реформи само што не стигнале за да не се доведуваме во ваква положба на општествена апатија. 

Граѓаните го губат трпението, повеќе енергија се троши на ситење и фаќање сеир дека ете падна режимот и сега некои други „манги“ ќе владеат, ама па тој вакуум кој го остави ВМРО-ДПМНЕ во јавниот простор не смее да се замени со нови самоволија, некомпетентност, партизираност и непотизам. Во ред е, дел од „шарените“ со договори на дело заземаа функции во новата власт, ги наполнија ПР департманите, ги префрлија вештините за статуси и твитови на владините социјални профили, но ајде да видиме и поголем квалитет, решителност и ефикасност во управувањето со државниот апарат. 

Лесно е да се укине екстерното, Кембриџ програмите, да се укине радиодифузна такса и да се подигне минималната плата, но да видиме и поголема визија за целокупното образование која нема да лежи само во предлог законските решенија туку и во тековното работење, да видиме промени и во јавниот сервис кои нема да останат само на промена на уредници и управен одбор и да видиме поголема социјална правда и редистрибуција на доходот како што се ветуваше. 

Премиерот Заев ќе има доволно време да анализира кои се слабите алки во неговиот синџир на владеење, ќе има можност да донесе тешки и државнички одлуки да го прекине магичниот круг на џаболебарење во администрацијата и условување на партиските книшки, како и да ја подобри вклученоста на неформалните групи на интерес кои имаат поголем кредибилет од било кои искорумпирани и заразени организации кои се влечат со години на приеми со премиери, министри, пратеници и градоначалници и само ја тераат водата на својата воденица. 

Без оптимизам, без перспективност, без општествен консензус, без изградени заеднички стратегии и враќање на довербата во еден правичен и праведен систем нема да помогнат ни најдобро осмислените реформи крчкани со недели од експерти ниту пак, од предлозите од бесплодните јавни дебати. Враќањето на довербата во државата значително ќе ја подигне и самата економија која претрпе големи загуби во 2017, па дури и завршницата укажа дека со помалите приходи од ДДВ и падот на градежништвото нешто не штима во системот. 

Товарот за тоа е на плеќите на премиерот Заев, но и на целата власт која сега е концетрирана во рацете на СДСМ, ДУИ и коалицијата, па така постои шанса за успешна 2018 година ако се посвети време на тоа што мора да се сработи, а помалку на политичките калкулации и меѓупартискиот пинг-понг кој треба да се игра подалеку од очите на јавноста за фокусот да биде ставен на значајните прашања од кои ќе зависи изградбата на една просперитетна и похармонизирана држава


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок