29 Март, 2024
0.0256

Македонија – нов полигон за судир меѓу Западот и Русија?

Објавено во: Колумни 03 Март, 2017

Добивај вести на Viber

По Црна Гора, Македонија како да е новиот полигон за судир на интересите меѓу Западот и Русија на Балканот. Најновиот развој на настаните околу составувањето на влада во државава е само повод за најнови изјави од обете страни. Се изредија ЕУ, НАТО, Јоханес Хан, вчера дојде и Федерика Могерини, а со коментар се јави и руското Министерство за надворешни работи. И сите се повикуваат на почитување на демократските вредности.

Нее прв пат Русија и западните земји да даваат изјави во врска со настаните во Македонија последниве две години. И сите укажуваат од опасноста од ескалација на состојбата. А таа никако да ескалира. Дали некој ја менаџира кризата, па не дозволува да дојде до ескалација или пак нашиве политичари, како што ги дал господ, ќе напрвават чекор кон ескалација, па потоа ќе кренат рачна, па ја спуштаатдо нова криза. И не дека тоа го прават од што знаат што прават, туку по укажување од надвор. Еве за пример да го земеме претседателот Ѓорге Иванов. Лани амнестираше политичари и нивни соработници гонети од Специјалното јавно обвинителство. Се крена врева. Се кренаа и „патроните“. ЕУ, САД и поединци од Западот се нафрлија врз Никола Груевски и посебно врз претседателот Иванов. Русија пак прозборе за „украинско сценарио“ по што сите поголеми руски телевизии пратија свои екипи во Македонија да сведочат за тоа „сценарио“. Состојбата се загреваше до степен близок на експлозија, и, одеднаш Иванов ја повлекува амнестијата. Во интерес на државата ја дал, во интерес на државата ја повлекол!? 

Така е и сега. Со денови му укажуваа дека по неуспехот на неговиот патрон, Никола Груевски, да состави влада, мандатот треба да се даде на оној политичар или партии кои ги исполнуваат уставните норми, тој си зеде за право да одлучува по „свое“ видување. И не му го додели мандатот на Зоран Заев. Одлуката која ја донел, според него, е во интерес на државата. Прашање на ден е кога ќе ја повлече, и повторно во интерес на државата. Се разбира доколку до тогаш не дојде до ново сценарио, па мнозинството во парламентот не одлучи да изгласа влада и да не го чека мандатот од Иванов.

Такви се нашите политичари веќе дваесетина години. Ништо не знаат да прават со своја глава. Само штети да и нанесуваат на државава. Ако не им се странциве не ќе можат да решат ниту една внатрешен проблем. Ги тегнат како ученичиња за уши и има ја кажуваат лекцијата. И така лекција по лекција. А има многу да се учи. Не е јасно до кое одделение стигнаа ученициве? Учителите, нормално, засега се од Западот, бидејќи определбата еза НАТО и ЕУ. Тие не може сега лесно да се избркаат. А и не се покажува голема волја за такво нешто. Дури и милиони долари се плаќаат кај западни лобисти.

Кога на државата и требаат пари погледите се свртени кон запад, а не на исток. Милијарди долари се влеани од Западот од незвисноста на државава досега.  Имаме и посебен договор за соработка со САД. Е, па сега, не може „и јаре и паре“. Работата повеќе е „змија или магаре“. Или како што рече генералот Александар Лебед во ексклузивното интервју за „Нова Македонија“, кое го направив во далечната 1995 година, „Бесплатно сирење има само во стапица за глувци“. Јас тогаш го убедував дека Македонија направила добар избор меѓу Истокот и Западот определувајќи се Западот и за членување во НАТО.

Во сето ова последниве две години се повеќе се вмешува Русија. Како да се разбуди од летаргијата што ја зафати во поглед на Балканот во времето на Борис Елцин. Па се споменува некој сојуз на воено неутрални држави во кој би била и Македонија. Засега, барем јавно, вмешувањето на Русија е преку соопштенија. Па нивното МНР ќе соопшти дека македонската опозиција станала „инструмент за распалување на внатрешнополитички конфликт, меѓу другото со надворешна поддршка“. Чија е поддршката? Последното соопштение од вчера дава јасен одговор.

Во него се вели: „Со загриженост констатираме дека политичката криза во Македонија, испровоцирана со грубо мешање од надвор во внатрешните работи на таа земја се продлабочува. Со активна помош од ЕУ и НАТО раководители се прави обид да се наметне „албанска платформа“, изготвена во Тирана во кабинетот на премиерот под картата на т.н. Голема Албанија, која ги илустрира територијалните претензии во однос на широки региони во соседните Црна Гора, Србија, Македонија и Грција.  Посебна тревога предизвикува тоа што во таа афера се вовлечени и властите на еднострано прогласеното независно Косово. Сметаме дека таквата линија е вонредно опасна, поврзана со разрушување на македонската државност и дестабилизација на Балканот во целост. Би сакале да споменеме дека предвремените избори одржани на 11 декември 2016 година со настојување на ЕУ и САД завршија со победа на владеачката партија предводена од Никола Груевски. Сега, пак, Запад со рацете на албанското малцинство се обидува да ја донесе на власт во Скопје опозицијата која доживеа пораз, која се потпиша под ултимативните барања на Албанците, што води кон кон подривање на уставните основи на земјата. Деструктивните обиди, а кои продолжуваат, да се наметнат однадвор шеми, кои против речат на волјата на македонските избирачи се способни само да ја влошат ситуацијата. Неопходно е да се прекрати надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија, да се почитува правото на македонските граѓани самостојно да решаваат за својата судбина во согласност со основните демократски принципи.“

Што се факти во ова соопоштение? Прво, дека во кабинетот на Еди Рама, албанскиот премиер, има карта од т.н. Голема Албанија. Второ, дека има „албанска платформа“.Трето дека во сето ова е вмешано Косово. Се’ друго се претпоставки или мислења. Инаку, дека има мешања од надвор, како што вели руското МНР,зборува и претседателот Иванов, но не знаеме кој тоа се меша во внатрешните работи на земјата. Не излегол јасно да каже. Ако навистина е така, секоја држава која држи до себе ќе го прогласи оној кој се меша во нејзините внатрешни работи за – непожелна личност. А ако е странска држава, ќе ги раскине дури и дипломатските односи. Е, нашиве немаат храброст за такво нешто, бидејќи се зависни од тие кои треба да ги протераат или со кои би ги раскинале дипломатските односи. Љубчо Георгиевски најдобро знае како одат тие работи. Иванов имаше шанса вчера да ја покаже својата политичка тежина, па да не ја прими Федерика Могерини. Или Никола Груевски кој во својот Проглас тврдеше  дека веќе нема да соработува со странците. Ама, како попчиња си легнаа на брашното и ја исслушаа Могерини.

Така што нема потреба Русија многу да се грижи за Македонија со овие политичари. Не дека не ги знае. Некои можеби и ќе бараат азил во неа. Подобро би било да се подготвува за соработка со оние кои доаѓаат.Во сето ова едно не ми е јасно. Изјавите на Русија и на претседателот Иванов и на Груевски многу се совпаѓаат. Кој од кого копира. Дали Русите имаат интерес да изнесуваат ставови на една политика која е во заминување, или пак претставниците на таа политика имаат добиено сознанија од Русија за она што се случувало во Тирана или што се преговара меѓу Зоран Заев и претставниците на Албанците? Ако е ова второво, тогаш и тоа може да се нарече мешање во внатрешните работи на државава.

Од моето искуство, овде преовладува желбата на Русија за политички поени и сето тоа да се пласира во медиумите. Типична пропаганда. Впрочем во средата во „Известија“ и во порталот на Фондот за стратешка култура излегоа текстови како вовед во она што го соопшти вчера руското МНР. Во текстовите се зборува за уцени на Македонија од Запад со распад на земјата, се споменува кантонизација, се вели дека на Македонија и се подготвува „косовско сцанарио“ исе дава голем простор на „Граѓанската инцијатива за единствена Македонија“.

Сето ова, ако се погледне големата слика,  е само еден сегмент од напорите на Русија некако да го врати своето влијание врз она што остана некооптирано во евроатлантските сојузи. Но лажна е надежта дека во тоа може да и помогне сегашната политика. Таа е во заминување. Русија  треба да се клади на друг коњ. Фактот дека водачите на таа политика се решени по секоја цена да останат на политичката сцена,па дури и да предизвикаат крвопролевање, можеби за Русите не значи многу. Но поддршката дадена за такви политичари во вакви ситуации ќе остави трага во идните односи меѓу двете држави.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?