20 Април, 2024
0.0287

Кризата во Македонија е вештачка, ама...

Објавено во: Македонија, Колумни 24 Март, 2017

Добивај вести на Viber

Вчера и од истокот и од западот до нас дојдоа изјави кои во едно се истоветни. Кризата во Македонија е вештачка. Но кога станува збор за тоа кој ја предизвикал или кој е причинителот, која е причината за неа, разликите во нејзиното толкување остануваат. 

Едвард Џозеф, долгогодишниот аналитичар на балканските состојби за Гласот на Америка изјавува: „Иако проблемите во Македонија се одамна наталожени, актуелната криза е целосно вештачка наметната и непотребна. Таа е поврзана со одбивањето на ВМРО-ДМПНЕ да го прифати уставното право на опозицијата да формира влада. Уставната, политичката и кризата по улиците во Македонија е генерирана од ВМРО-ДПМНЕ“,

Од оваа страна на Атлантикот, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на предавањето пред повисокиот офицерски состав на Академијата на Генералштабот, зборуваше и за Балканот. Тоа е знак дека нашиот регион е високо на скалата на интерес во Русија. И нормално кога станува збор за овој дел од Европа, министерот ја спомена и Македонија. Според него „Македонија сега е во многу сложена ситуација поради длабоката криза, која во голем дел е вештачки испровоцирана. Се’ оди кон тоа, кон обиди да се внесе раскол во општеството, да се нарушат договорите, кои пред многу години беа потпишани во Охрид и кои на албанското малцинство му даваа доволно сериозни права во рамките на македонската држава“. Но ако за  Џозеф причина за кризата е генерирана од ВМРО-ДПМНЕ, за Лавров вината е кај ЕвропскатаУнија. „Ние своевремено зборувавме дека сакаме ЕУ да го поддржи давањето на соодветни права на албанското малцинство во Македонија и да се заложи такви права да им се дадат на Русите во Балтикот. Но тие од тоа бегаа срамежливо. Сега се обидуваат да го разнишаат тој договор. Се надевам дека Западот ги сфаќа опасностите од таквите обиди“.

Ако од запад велат дека причинител на кризата е ВМРО-ДПМНЕ, од исток вината ја префрлаат на Западот. И ова не е ништо ново. Веќе подолго време официјална Москва го обвинува Западот за мешање во внатрешните работи на Македонија. Се пишувале сооопштенија од руското министерство за надворешни работи, имало изјави од официјални претставници на Москва. Па имаше реакции дури и во ОБСЕ. Се обвинуваше Западот дека ја поддржува македонската опозиција и дека се врши „невиден притисок“ врз претседателот Ѓорге Иванов да даде мандат за формирање на нова влада, како од НАТО, така и од ЕУ.

Но не мислат сите така. -Не може да се зборува дека ЕУ и САД си поставиле цел да го сменат поранешниот премиер Никола Груевски. Тој е целосно нивен човек, спроведуваше прозападна политика, единствено не се приклучи кон антируските санкции. Но беше за ЕУ и НАТО, вели за „Русија денес“ Павел Кандељ, раководител на секторот за етно политички конфликти при Институтот за Европа на Руската академија на науки.Според него „САД и ЕУ во кризата во Македонија очигледно сочуствувале на опозицијата, Груевски им дошол преку глава, иако седум години до кризата ЕУ даваше најпозитивни оценки за Македонија, за состојбите во земјата и постојано препорачуваше почеток на преговори за влез во Унијата. Тоа не се случи поради ветото на Грција. Поради истата причина Македонија не е и во НАТО“. Кандељ вели дека правото на опозицијата да годобие мандат е основано и претседателот треба да го даде мандатот. Тоа што не го дава е формално незаконски. Кандељ не гледа правен излез од ситуацијата. Неговите претпоставки за Македонија не се оптимистички. „Мислам дека, најверојатно од се’, ќе дојде до експлозија на масовен протест од едната или од другата страна. Во таа смисла јас со полна тага гледам на иднината на Македонија. Не е исклучена и варијантата Македонија да престане да постои как одржава“, заклучува Кандељ.

Други руски научници, пак,тврдат дека Зоран Заев го искористил моментот, ВМРО-ДПМНЕ да не може да направив влада, па се договорил со претставниците на албанското малцинство во парламентот за правење коалиција, ветувајќи за возврат спроведување на уставни реформи во Македонија! Какви уставни реформи кога за такво нешто е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, тие научници не кажуваат. 

Она што остава впечаток од следењето на руските медиуми и разните официјални изјави и експертски мислења е отсуството на причините поради кои се јави кризата во Македонија. Никој не ги споменува криминалот и корупцијата на власта, фамилијата и многумина околу неа. Нема ништо за тоа како работеше македонско-албанската коалиција во Парламентот? Сите споменуваат „шарени револуции“, „соросови армии“, протести за „спас на државата“…

Се зборува за „невиден притисок“ врз претседателот Иванов, а од друга страна во руските медиуми се спроведува „видлива пропаганда“ поврзана со она што се случува кај нас. Па така ќе видите или ќе прочитате „Зошто „Клинтоновиот клан“ и милијардерот Џорџ Сорос го „потпалуваат“ Балканот“. Или пак, ќе видите наслов на емисија на најпропагандниот телевизиски канал „"Soros, go home": Спонзорот на „обоени“ револуциија изгуби поддршката од Стејт департментот. А во неа ќе чуете  -дека „Во последниве години мирот во земјата се зачувуваше успешно благодарејќи на тоа што македонската и албанските партии најдоа заеднички јазик во парламентот – создаваа коалиција. Се’ се промени, кога почнаа да се активираат невладините организации“. Па ќе чуете познат глас и ќе видите позната фигура, соосновач на движењето"Stop Soros!", како изјавува: „Медиумите спонзорирани од Сорос работеа многу сериозно за да го направат сојузот(веројатно се мисли на коалицијата з.м.) невозможен. Тоа е бескрајно опасна промена. Тоа одново ќе ги отвори етничките проблеми во земјата“.

Има и попретенциозни наслови– Балкански јазол: Дали политичката криза во Македонија ќе доведе до преиспитување на границите во Европа. Во руски медиуми ќе најдеш теми исти како од нашиве новинари загрижени за иднината на Сонцето-Македонија, околу кое се врти се. Па и Америка и Русија и Кина и Турција и ЕУ…Таа е центарот на светот. Само едно не е јасно. Дали темите и паролите, ги преземаат Русите од нашиве што пишуваат или ги извикуваат по улици или пак нашиве ги презеле од Русите?

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите