Кој е „херојот“ што го победи Ѕинго во Кратово?
Објавено во: Анализа 16 Октомври, 2017
Офтамологот Љупчо Бојаџиев ја издвојува една од најизненадувачките победи во општина Кратово со што му стави крај на долгогодишното влијание на Љубислав Иванов Ѕинго и неговата Социјалистичка партија која во последните изборни циклуси беше во постојана коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
За Кратово важеше дека е град кој секогаш ја дава поддршката за ВМРО-ДПМНЕ без оглед што Ѕинго подолго време веќе не е активен во политиката, а истовремено се повлече од функцијата пратеник за да нема судир на интереси бидејќи беше сопственик на Телевизија Сител каде директор е неговиот син.
Љупчо Бојаџиев кандидатот на СДСМ во првиот круг во Кратово освои 3.384 гласови или вкупно 57,11% од гласачкото тело пред Мите Андоновски кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ кој заостана со 2.274 гласови, па така ќе нема потреба од втор круг. Победата на Бојаџиев има и поголема тежина бидејќи е остварена против актуелниот градоначалник Андоновски кој ќе се збогува со функцијата.
За Кратово имаше и шпекулации дека СДСМ не сака веќе да одржува големи митинзи бидејќи потоа сите присустни трпеле, како политички така и еконмски притисоци.
СПМ на овие избори ја даде поддршката за ВМРО-ДПМНЕ но, без оглед на сета досегашна моќ на терен изразена и преку економската надмоќ од компаниите во посед на семејството Иванови не успеа да оствари нова победа во традиционалниот бастион.
Љупчо Бојаџиев е роден инаку во Струмица, а е доктор по офтамологија. Тој неодамна беше назначен и за директор на здравствениот дом во Кратово, но по победата на изборите ќе треба да се повлече од оваа функција. СДСМ освои и мнозинство во Советот на општина Кратово со 54,99% од гласовите за советничката листа предводена од Ранко Арсов.
Заев во изборната кампања заедно со Бојаџиев ветија гасификација на Кратово, отворање на индустриска зона и спречување на иселувањето со поддршка на младите луѓе.
Автор: Христијан Станоевиќ