20 Април, 2024
0.0280

Ќе расправаат ли Русија и ЕУ за Македонија?

Објавено во: Колумни 28 Април, 2017

Добивај вести на Viber

Настаните од вчера вечер во Собранието на Република Македонија како да ја подотворија вратата за излез од долгогодишната криза во која се наоѓа државава. Никој не знае што ќе се случува денес, но во вакви ситуации едно е правило. Битката ја добива оној кој што предвидел неколку наредни потези. Како во играњето шах. Само да не се најде во цуг-цванг ситуација (било кој нареден потег води кон пораз). Затоа многу е битно дали вчерашните потези водат кон брз пораз на едната или другата страна. На прв поглед двоецот Иванов – Груевски изиграа многу лошо, што се потврди со нивните изјави, по упадот и насилството на нивните приврзаници во Собранието, во стилот „ја нисам одавде“. Од друга страна Заев и коалицијата од албански партии со изборот на претседател на Собранието се принудени да делуваат мошне брзо за да ја приведат играта во добитна завршница. Сега имаат ветер во своето едро, ЕУ и САД под итно го поздравија изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.Но...

Како и секогаш во состојбите во Македонија големо влијание има  странскиот фактор. Доминантно од Западот, но и интригантно од страна на Русија. Влијанието од Западот  се манифестира со доминација на политички, воен  и економски план. Да ја земеме само економската размена на Македонија со ЕУ, на пример. Таа е неколкукратно, десетици пати, поголема од онаа со Русија. На политички план големо мнозинство од испитаниците во Македонија и покрај се, се за влегување во ЕУ. За некаков сојуз со Русија, не постојат податоци од некакво истражување, но може да се претпостави дека тој сооднос би бил сличен на оној во економската размена. Воената соработка е каде, каде поголема со Запад, поточно НАТО, а и анкетите покажуваат дека се’ уште голем број оа македонските граѓани е за влез во оваа воена организација.

Руската интрига се состои во изјавите што доаѓаато ттаму. Ставот за најновите настани во државава ќе го чуеме денес. За економската размена со Македонија веќе споменавме и таа е зрнце песок во голема пустина. Русите на времето велеа „Одете кај сакате, НАТО или ЕУ, ваша работа, но нам тоа не ни е сеедно“. Последниве неколку години за некакво членство во НАТО на Македонија енергично не се противат, но силно ја туркаат приказната за Б-4, воено неутрална зона на Балканот во која би биле со Србија, БиХ и Црна Гора. Воено неутрална зона, илјадници километри далеку од Русија и опколена со земји членки на НАТО, а да не зборуваме дека Црна Гора и практично ќе стане членка на Алијансата!

Најновата интрига од Русија дојде пред десет дена од устата на Владимир Чижов постојаниот претставник на Руската Федрација во ЕУ. Токму пред посетата на Федерика Могерини на Москва, тој најави дека една од сериозните теми на разговор со домаќинот Сергеј Лавров би бил Балканот. Што рече тој? - Европската Унија со години наназад игра важна улога во Западен Балкан, сметајќи дека земјите од регионот, кои, се уште, не се влезени во ЕУ, неподготвени сакаат да го направат тоа. Но, ние гледаме дека степенот на желба и степенот на нивната подготовеност не се подеднакви, рече Чижов. Како што пренесоа агенциите, тој додаде „дека нема ништо лошо во желбата за засилување на соработката со ЕУ, но во својот стремеж да го забрза овој процес, Брисел се обидува директно да влијае врз внатрешно политичките процеси во овие земји и понекогаш постигнува резултат што доста се разликуваат од желбите. Тој како пример ги посочи обидите на ЕУ да посредува во дијалогот меѓуСрбија и Косово, што понекогаш водеше до „отворено негативен резултат“.

Според Чижов, во моментов најпроблематична е ситуацијата во Македонија, каде има политичка криза, а ЕУ се обиде да се вмеша, обраќајќи му се директно на претседателот Ѓорѓе Иванов. Тој потсети дека и Могерини, и еврокомесаротЈоханес Хан, и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск беа во Македонија за да „се обидат да и го наметнат рецептот“, што од руска гледна точка наместо до стабилизација на Македонија може да доведе до продлабочување на кризата. Чижов притоа прецизира дека изјавата се однесува на барањето на Брисел, Иванов да го додели мандатот за состав на новата Влада на социјалдемократите и на партиите на етничките Албанци, потписнички на таканаречената „тиранска платформа“. Средбата Лавров Могерини помина, но на официјалната прес конференција по неа од устата на Лавров не се слушна ни „Б“ од Балканот. Можеби и разговарале за сериозната тема, како што најави Шижов, но во јавноста не се соопшти ништо за тоа.

Изјавата на Чижов може да се толкува  и како желба на Русија Балканот, во тие рамки и Македонија, да се стави на дневен ред во односите меѓу ЕУ и Русија. Такво нешто немало со години. Од проста причина што Балканот беше загубен за Русија уште во времето на Борис Елцин, а Европа доминираше на овие простори. И Русија сега сака да ги искористи слабостите на Унијата во овој дел на Европа. Во прв ред глупоста на Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, кој првиот ден по седнувањето на чело на Комисијата изјави дека во наредните пет години ќе нема проширување на Унијата. Поминаа три години оттогаш, и делумно, сегашните состојби се продукт на неговото однесување. Се создаде вакум, а секој вакум се пополнува од некого.

За Европа, а посебно за Германија, беше најважно да има стабилност во државите. Независно какви влади се на власт. Дали се корумпирани, криминални, авторитарни...И сега кога се виде до каде дојдоа работите, ајде да се гасне пожарот. Во Македонија криза уште од 2014 година, во Албанија исто криза, опозицијата со месеци е на улица, а Еди Рама почнува да зборува за некаква „Голема Албанија“, во Србија премиерот и претседател Александар Вучиќ оди по стапките на нашиве криминални политичари, Босна и Херцеговина е на прагот на распад, Црна Гора со полупразен парламент...Е така е кога ќе ги испуштиш уздите од раце. Ќе се јави друг кој ќе сака да ги земе и да ја вози колата. Во случајов Русија. Се разбира помогната од сили во државава кои деновиве велат дека треба да се уцени НАТО веднаш да не прими во своите редови, а ако не го направи тоа ќе си прогласиме воено неутрална држава (поранешниот амбасадор во НАТО Мартин Треневски за МИА)! Токму руската идеја.  Или пак претседателот Ѓорге Иванов, кој во интервјуто за „Винерцајтунг“ ги бранеше Русите дека не се мешале во нашите внатрешни работи, а соопштенијата што ги давале биле нивно право. Иако во нив се сугерираше и кој да прави влада, кој не смее да влезе во влада и сл.

Да се надеваме дека Македонија многу брзо ќе има нова влада. Но таа влада не смее да дозволи со својата работа да ја доведе ситуацијата до тој степен, па Македонија  да се стави на дневен ред на разговори меѓу ЕУ и РФ или пак да се врати во игра старата идеја на Русија за некаква меѓународна конференција за Балканот. Македонија секогаш, кога била ставана на дневен ред на разни конференции, била губитник.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок