28 Март, 2024
0.0282

Каролина Ристова-Астеруд: Законот за употреба на јазиците не е според Рамковниот

Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Професорката Каролина Ристова -Астеруд од Правниот факултет на социјалните мрежи објави анализа на донесениот Закон за употреба на јазиците за кој смета дека не е дел од Рамковниот договор и дека немало никаква потреба да се носи со европско знаменце.

ЗА РАЗВИВАЊЕТО ПРОГРАМА НА ЈАВНА СВЕСТ (?!). 

Навистина, ама баш навистина си го донесоа! Ноторниот Закон за употреба на јазиците (ЗУЈ). И, замислете, во членот 23 (3) пишува дека „Владата на Република Македонија веднаш по влегувањето во сила на овој закон ќе развие програма за покренување на јавната свест за примена на овој закон„ Аха, програма, колку кулисимо! Види ти тоа! Да, да, развивање јавна свест! Сето тоа откога си го донесоа со брутално политичко уценување и силување, крајно недемократски, со крајна безобзирност, како и со најбесрамно лажење и манипулирање. Нити е ЗУЈ по Рамковен, нити е ЗУЈ за со „европско знаменце“ - во конститутивните договори и секундарното право на ЕУ се регулира употребата на официјалните јазици на државите - членки, како и проблематиката на работните јазици во самата ЕУ, и нема никакво мешање во штипките на домашните јазични режими, сето тоа по правото на ЕУ си е покриено со клаузула „согласно националните уставни аранжмани„. Најголемата лага е онаа што најнепосредно засега - дека не се воведува ефективна и сеопфатна двојазичност на целата територија на државата, а ако цепидлачиме, по правото на ЗУЈ е „теоретски“ можна и повеќејазичност, секако ако во даден контекст има и друга/други заедница/ци со над 20% во некоја единица на локалната власт или на ниво на централната власт. Во однос на оваа УБЕР- лага, претпоставувам, совеста пред граѓанството си ја олеснуваат, а богами и политичко-зихерашките математики по логика на контрола на штетата, со тоа што ефективниот двојазичен концепт проектиран во правните решенија на ЗУЈ нема засега премногу да го засегнат источниот дел од земјата во онаа очигледната визуелна и практична смисла . Финансиски е сосема друга приказната, и те како СИТЕ ќе ги засегне! Се на се, ова не е закон за унапредување на јазичните права на граѓанството во вообичаената смисла, во смислата која е правична, здраворазумска, пропорционална, практично-реална и економична, тоа впрочем е поодамна завршена работа, и тоа, во одредени инстанци, и над европските стандарди за малцински и региионални јазици, што воопшто не е лошо, и е плус за земјата. Ова е закон кој, со исклучок на меѓународните односи на државата, содржи правен концепт ( колку и да е, намерно или ненамерно, хаотично исцртан) за сеопфатно третирање на „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните„ (албанскиот јазик) како втор службен јазик во државата на двете нивоа на власт (централна и локална), хоризонтално и вертикално, и на целата територија на државата, и со бајаги амбициозно поставена „тиранија на малцинството„ во својата суштина. За илустрација, еве ви еден пример за да добиете престава: Според член 9 од ЗУЈ, ако во судска постапка во сите нивоа на судска власт ( а и сите други постапки што можете да ги замислите во комуникација со локална и државна власт), БИЛО КОЈ УЧЕСНИК го зборува 20 % - јазикот (албанскиот) , тогаш задолжително мора да се користи и тој јазик. Значи, не е само за граѓан(к)ите како странки, не е ни дополнително само за сведоци, и вештаци и сл. ( за што и досега имало решенија за користење и други јазици освен официјалниот), туку ако тоа „тој еден„ или „таа една„ е судијата или јавниот обвинител (преставници на државата!). Тоа практично значи, ако на пример, во Основен суд 1 во Скопје, сите други учесници во судската постапка зборуваат македонски, еве СИТЕ други буквално се Македонци, а само судијата или само обвинителот е Албанец/Албанка, сите одлуки, писмени и други акти од постапката се донесуваат и издаваат не само на македонски јазик, туку и на албански јазик, при што судот е обврзан на судијата/обвинителот да му обезбеди превод на сите потребни документи (кога точно, ќе чекаат сите превод на првичните документи, исто и во меѓуфазите , за да тргне терањето на решавањето на правата на граѓанството кои може живот значат и се итни?), да му обезбеди симултан превод од излагањата , изјавите и рочиштата (иако по закон не може да биде избран ако не го познава и македонскиот јазик?). А, ако тоа не се обезбеди , замислете, според ЗУЈ, тоа ќе се смета за суштинска повреда на постапката, иако, повторно да нагласам, судијата/обвинителот по сила на устав и закон е должен да го владее и македонскиот јазик, а кој во таков еден случај е и јазик на сите останати учесници! И, што мислите, што предвидува ЗУЈ за трошоците за сето ова? Зар треба да кажувам? Тие, кое изненадување, „ол-иклузив“ паѓаат на сметка на институцијата , а ефективно, на мнозинството учесници од македонска/ сета неалбанска заедница (граѓани), кои, нели, ќе плаќаат екстра трошоци за само тој еден учесник во постапката, секако од позиција на државна власт, за кој секако има правна претпоставка (по трет пат!) дека зборува македонски, но, ете, тогаш и така мора да „си ги изрази правата„ Па нека части мнозинството, зошто да не, зошто да ги/се трошат парите на други работи? Па мерак е во прашање, ма чувство дека сите играат и мора да играат по негово/нејзино. Се на се, ај ударната поента дека ова е апла пример за двојазичност на државата, а не некакво „унапредување права„на сограѓан(к)ите Албанци , не знам од кај да почнам да објаснувам какви се суштински повреди на правата на граѓанството (ама оние вистинските!), какви се небулози и бизарности ќе се случуваат, ако и кога тоа кутро граѓанство се падне за странка во ваква една „двојазична/повеќејазична постапка„ и колку пари ќе му се одлеваат од џебовите за нечии неизживеани националистички комплекси и безобзирности кон другите, вклучително и најмногу кон етничкото мнозинство. Ама, што да правиме со аспектот дека е и апла „тиранија на малцинството„, (во прикажаниот случај дури и како тиранија на еден единствен учесник во постапката наспрема сите други учесници, и тоа, ни помалку, ни повеќе, преставник на државата)? Не ви треба ниту концептуално познавање на политиколошкиот речник што значи „тиранија на малцинство„ за да по здрав разум заклучите сами и да ја замислите ситуацијата и динамиката, а и кон какви состојби и отрови ќе доведе и ќе разлее во општеството. Инаку, мојот засега хипотетички пример нема да биде реткост, некаков исклучок, оти албанскиот политички фактор се потруди/л низ годините, а и натаму ќе се труди, во судството, низ низа судови и судски инстанци, Албанците да не бидат застапени „соодветно и правично„ (што би било баш околу 20%), туку и многу повеќе од тоа, значително повеќе, а на штета на соодветната и правична застапеност на другите етнички заедници согласно нивната пропорционалност во составот на нааселението , пред се, на штета на најмнозинската- македонската, а и неретко, по уште понебулозни „развои„ и „ скокови„ во кариерата на судиите и обвинителите, од вообичаените што си ги знаеме. Меѓу другото, тоа е така оти македонскиот политички фактор , ете, не се „пали“ и не му е „кул„ да биде македонската етничка заедница соодветно и правично застапена (ни 60 % таму каде треба, нит соодветниот друг помал процент колку што е во населението во некои средини). Патем, како прашање на општа и политичка култура на една заедница, многу фина и принципелна работа ова, со многу развиено чувство за фер-плеј, некој „очи да копа„ ако не е преставен со минимум 20%, ама истовремено да не гледа проблем ако е бајаги „надпреставен„ на штета на другите. Но, вака најцинично, дајте му време на „зреењето на апартхејдот„, на ЗУЈ, самиот ќе си се покаже. Во меѓувреме, неќе да е лошо Владата на РМ и за ова да спреми некаква „програма за ширење на јавната свест„?

ЗА ПРАВНИТЕ НЕБУЛОЗИ

За уставно-правните, номотехничките, јазичните, практичните, финансиските ма и сите други проблематични аспекти укажуваа, дебатираа, апелираа и што се не и многумина други, но особено елаборирано и аргументирано во јавното обраќање до пратениците од страна на акад. проф д-р Катица Ќулавкова, проф. д-р Гордана Силјановска - Давкова и проф. д-р Симона Груевска - Маџоска. Секако, не добија никакви сериозни контрааргументи, туку лична и професионална девалвација, омаловажување и исмевање, вадење некакви си „дамки“ од времето на „борбата со режимот„, во вознемирувачки истороден режимски стил, и небаре тоа им ги прави аргументите невалидни сами по себе. А некои од тие аргументи беа толку „школски“, барем за во делот на правото можам да говорам, да јас лично бев убедена дека барем некои од најочигледните небулози ќе се отстранат, ќе се преобмислат работите, дека им се во интерес да ги санираат. Јок! На политички нож, на политичко и правно силување! На пример, гранде школски пример е дека не смееш со закон кој се носи со обично мнозинство, па уште ако не е со апсолутно мнозинство (50+ 1 од ВКУПНИОТ број пратеници ), туку со релативно мнозинство (50+1 од ПРИСУТНИТЕ пратеници), да интервенираш во СИСТЕМСКИ закони ( оние кои се носат со 2/3 мнозинство, што значи ти треба и опозицијата во Собрание за тоа да гласа). А токму тоа се прави со ЗУЈ! Во член 23 (4) и (5) каде стои дека тие и такви засегнати (системски) закони ќе се „усогласуваат со одредбите од овој закон„ во рок од една година, а во меѓувреме, „во случај на неусогласеност„ на јазичните одредби на друг закон (па и на системските!) со јазичните одредби на ЗУЈ , органите (државни и локални) се должни да ги применуваат одредбите на ЗУЈ. Вау! Вау! ВАУУУУУ! Уште и апла да напишеле дека и во однос на одредбите на Уставот на РМ што не се во согласност со овој закон, органите ќе мора да го игнорираат Уставот и, се подразбира, да се водат од овој фирер- закон на мерак за своевиден апартхејд-партија/партии , е тек тогаш концептот на хиерархија на правните акти во нивната правна сила тотално да го прогласевме за сосечен во корен. Мртов! А со тоа и владеење на правото, што патемно е темелна вредност на ЕУ, содржински дел на поглавја во преговорите со ЕУ, и дел од т.н политички критериуми за членство , што ќе рече, кај да се свртиш, нема врдање, тоа ти е работа за со „европско знаменце.“ А и таа „самоувереност„ дека другите, системските, закони, за кои треба 2/3 и глас на опозицијата ќе се усогласеле за една година?! Како ќе ја натераат опозицијата која сега не беше вклучена? Со тоа што ќе им понуди „дил“ да ги ослободи притворените пратеници? Затоа ли беа тие ујдурми со тралала симнување имунитетот? Или, можеби, ќе им се закани дека и многу други ќе го изгубат имунитетот со иста светлосна брзина и ќе се најдат во притвор? Конeчно, на сето што нагласија гореспоменатите професорки , а и другите, се думам дали поопширно да ја вклучам и елаборирам димензијата на правната семиотика и правната лингвистика, во сличните примери како оној што го наведов погоре под 1, па што се ќе се изроди кога ќе се креваат работите на повисоките (жалбени) инстанци, па „изгубена во преводот„ правна документација (а вообичаено, на тие повисоки инстанци се одлучува по основ на документација) , па правно толкување, па која верзија ќе се смета за официјалната и правно-обврзувачката, а која за официјален превод, таа на странките ли, таа на преставникот на државата со 20% -јазик ли, итн,итн. Досега ни се повредувале правата во бирократски и судски лавиринти, со разно-разни петна на корупција, итн.?! Стрпете се, се само ќе ви се покаже, најмал проблем (освен во финансиска смисла) се именување двојазични улици, мостови, згради , улици, пари, поштенски марки, униформи, па и на цела територија на државата да се, а не само во средините со 20 %! А таа Агенцијата што ќе исмукува милиони евра, ќе исмукува уште повеќе од ветеното, ве уверувам, и пак ќе биде за џабе!

ЗА ТИРАНИЈАТА НА МАЛЦИНСТВОТО – КРАТЕРСКИОТ ПРЕВИД НА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР

Овој фирер-закон се донесе со 69 пратеника, од кои 27 по Бадинтер (плус еден воздржан). Тоа значи дека од парламентарното политичко преставништво на етничката заедница на Македонците (кои не се водат по Бадинтер и гласаат само во првиот круг) , гласале само 41. До 120 уште колку има, плус – минус? Сигурно најголемиот дел од оние 42 што се пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се декларирани за Македонци, а и еве и некои други отсутни ( има ли јавно објавен листинг на изјаснување на пратениците по етничка припадност за потребите на Бадинтер?). Патем, ДПМНЕ целосно го бојкотираа гласањето. Со тоа како се тера работата од прв ден, и со право! Друго е да се запазеа сите парламентарни процедури и фази, без манипулации и лажги без опашки со „европско знаменце“, сите коректни политички тајминзи ( не одма по избори, кога опозицијата е во таква состојба) и протоколи, па да се молеа и убедуваа „како млада невеста„ (како што ние од СДСМ макотрпно ги мољакавме 2002-2006, и тоа , за неспорни законски проекти по Рамковен за кои како партија имаа превземено потпишана обврска), па ако они ако не играат фер, тогаш и некако , ајт гитла ако сте такви! Како и да е, сумарно, ЗУЈ се донесе без дури ни 50% од парламентарното политичко преставништво на македонската етничка заедница. Е, ај нека ви легне тој факт! И, кога ќе ви легнува, ај размислете, рефлектирајте, дали и на сон би ви текнало ист таков закон, за исто прашање, за иста материја, да го донесете без да ги помножите со нула политичките преставници на албанската етничка заедница, па да ви бојкотираат, да не ви гласаат заради тоа? Или, замислете, да можете да си изгласате без минимум 50% од албанското парламентарно преставништво? Да не имаше такви слични работи во раните 1990-ти, па тоа, меѓу другото, да не доведе до 2001, па до Рамковен? А , внимавајте, тоа за помалата етничка заедница збориме, не за поголемата, односно најголемата во земјата! И тука доаѓаме до она што, според мене, во сите дебати и аргументи најмалку се изостри и се нагласува – како е ова можно вака?! И тука доаѓаме до проблемот за кратерските превиди на Рамковниот договор. Тој е правен во контекст на мировни преговори пост-воена ситуација и по основ на аспирациите токму на албанската етничка заедница да биде соодветно и правично застапена во локалната и државната власт, воопшто да добие проширен корпус на т.н колективни права по етнички основ, како и да не биде мајоризирана во политичките процеси кога се одлучува за политики и законодавство кое ги засега сите овие аспекти – елиминирање на т.н тиранија на мнозинството, во случајот на македонскиот контекст, тиранија на етничкото македонско мнозинство. И, затоа, бидна, т.н Бадинтерово мнозинство, кое теоретски треба да функционира за сите, дури и кога е обратна ситуацијата, ама по уставните амандмани и законските реформи за спроведување на Рамковниот, главно функционира на централно ниво во Собрание на РМ, а ако целосно сме сите искрени, со не баш толку мерак и ентузијазам меѓу албанскиот политички фактор и Албанците во целина да истото функционира и таму каде они се мнозинство, а да речеме Македонците и „сите други“ се во малцинство, имено, во значаен број на единици на локалната самоуправа . Но, да се вратам на главното. Ретроактивно и со солидна политичко-правна емпирија може да се констатира дека во однос на Бадинтер, се направија два сериозни превида, кои, секако, не беа баш рекламирани ниту на прославата на 15 години Рамковен.

(А) Првиот превид дојде до израз во 2004 година а се затвори набрзинка како „дупка“ , исто на правно дубиозен начин, во 2005. Имено, станува збор за тоа што при договарањето на Бадинтер воо Рамковниот процес се направил превид во однос на уставните аспекти на релацијата закони по Бадинтер – (референдумска) граѓанска иницијатива – референдум. Па кога со танталови маки се донесе Законот за територијална организација , ДПМНЕ, иако беа политички најдемократски тинтрани во однос на консултирање и преговарање за законските решенија, незадоволни од конечната верзија, заедно со многумина од граѓанство, си собраа 150 000 потписи и , по сила на устав, предизвикаа референдум за законот. Сите ја знаете приказната, законот се спаси, по тешка рововска битка на терен (дефинитивно најтешката и до бесвест истоштувачка политичка кампања во која сум учествувала), потрошени огромни пари, а и политичката сметка дојде две години подоцна, во 2006. Потоа следуваше изгубената деценија, изгубените животи и изгубените генерации, изгубената Македонија 2006-2016. За сите политички субјекти, освен за ДУИ. Тие уште се во игра, со одговорност за ништо, со мува лазење за ништо, особено во однос на Македонците и сите неалбанци во државата со кои владееа по централните ресори и локално, и малтене над уставот и законот. Тие се нашата фирер-партија. Во целата ситуација со референдумското изјаснување за Територијалната стана јасно дека не е логично и оддржливо од аспект на Рамковниот и изменетиот устав легалната цел за спречувањето на мајоризацијата со Бадинтер-гласањето во Собранието последователно да се поништува со евентуална етничка мајоризација со референдумскиот инструмент. Тоа се „санира„ со нов Закон за референдум и граѓански иницијативи во 2005, каде се регулира за која материја не смее да се распише референдум, меѓу другото и за законите донесени по Бадинтер. Иако правната логика суштински е исправна на релација Бадинтер мнозинство-референдум, начинот на кој тоа се направи, е неуставен, бидејќи, и по слово, и по дух на нашиот устав (а и во споредбената европска уставност), ваквата материја на непосредно остварување на граѓанскиот суверенитет е уставна материја, вклучително и особено, ограничувањата во корист на посредното (преставничкото) остварување на граѓанскиот суверентет. Така да , сегашниот член од Законот за рефендум и граѓанска иницијатива треба да си се префрли во уставот, каде му е и местото ( а, патемно, да се санира и онаа неуставната небулоза за т.н советодавен рефередум, по наш устав сите рефередум, независно како се иницирани, дали се облигаторни или факултативни во тој дел, во својот резултат се правнообврзувачки). Е сега, за ова досега на никој „не му чуеше„, оти му доаѓаше као „спиечка норма„, а е релевантно и во однос на вториот и, можеби, уште поклучен и поопасен превид.

(Б) Во далечната 2001, кога се преговараше Рамковниот, толку биле сите фокусирани на неутрализирање на „тиранијата на (етничкото) мнозинство„ да сосема не ја размислиле и замислиле потенцијалната траекторија кон втората крајност – тиранија на (етничкото) малцинство„, особено во македонски контекст. Со други зборови, Бадинтеровото мнозинство од инструмент за спречување на мајоризација по строго определен круг на „етнички релевантни“ прашања за „помалите„ и „поранливите„ етнички заедници наспрема „најголемата„ (т.н право на етничко вето), да најперверзно си измутира во право на етничка уцена и еднонасочен диктат, со ефективно поништување на „политичкото броење„ на севкупната политичка сила и политичко преставништво на најголемата етничка заедница во парламентот и владата, дотолку повеќе што се заборавило , а не смеело да се заборави, дека е и секогаш ќе биде политичко-партиски плурално поделена заедница во борбата за власт. Не смеело да се заборави дека сето ова е надградено и со железниот принцип во секоја влада на Македонија да има „албански партнер„, воспоставен уште во 1992 година (првата влада на Бранко Црвенковски), а кој со воведувањето на Бадинтер од железен преминува во титаниум принцип, па и дополнително зајакнат со тоа дека партнер во владата малтене секогаш мора да биде победничката партија меѓу албанското гласачко тело, а не и било која друга т.н албанска партија со која т.н македонска партија би стигнала до парламентарно мнозинство од 61 за правење влада. Не се размислило баш дека таа и таква албанска партија ќе биде и е веќе многу повеќе од т.н партија- кингмејкер (kingmaker), како што е познатиот израз во споредбената политика. За разлика од искуствата на други земји, каде која партија е кингмејкер е политички подинамично, менливо со растот-падот на изборната сила на партијата-кингмејкер и со можен рингишпил по избори друг да ја превземе титулата, скраја избоено со некаква етничка димензија како „позимзелено„ дрво во политиката, кај нас тоа е фикс – секогаш е т.н (албанска) етничка партија, дури не и партии на останатите помали етнички заедници заедно. Нормално, со оглед на релативната големина на албанската етничка заедница во земјата, ова другото е само некакво си теоретизирање на можни варијанти. Можна е евентуална промена само во тоа која т.н албанска политичка партија ќе се избори да биде победничка во својот блок, но и тоа оди многу бавно, ако се земе во предвид искуството со ДУИ, и тоа заради две главни причини, ако ја тргнеме настрана политичката култура на гласачкото тело. Прво, комотната позиција на една таква албанска партија- кингмејкер е надградена и со „правната димензија на Рамковен/Бадинтер„ , па релативно лесно може да се срасне до коска со власта, и да ја елиминира секоја посериозна конкуренција во својот гласачки/етнички блок. Второ, уште поголемата комоција да ја уценува мнозинска т.н македонска партија при секое правење парламентарно и/ли владино мнозинство за се што и е конкјуктурно „по програмата„ во даден момент, кај нас ефективно што ќе да е на менито на национални и националистички „барања„ Во двата случаи, таа и таква албанска кингмејкер-партија (да потсетам пак, читај, ДУИ) наново и наново успева да се „продаде„ пред своето гласачко тело како горе-доле ефикасна и ефективна во политиката, особено кога , пред се и над се, на тоа гласачко тело му е битно зголемувањето на групната политичка моќ по основ на етникум (индивидуалните права, здравје, во другиот живот), без прашање и пардон кон било кој и било што, особено кон мнозинството кое се доживува „давеж-компликација“ без која немаше ни да постои Македонија.

Сето ова најбрутално и најотворено се манифестира токму по однос на овој ЗУЈ. Ветото на Претседателот на РМ не е поставено како никакво значајно правно чаре за елиминирање или менување закон, а кое можеби еден светол ден ќе има некаков максимализиран политичко-морален ефект ако ни нарасне нивото на сеопштата политичка култура. Првото вистинско чаре со реален правен ефект по судбината на законот е Уставен суд – ама, повторно, со овој состав, со среќа со тоа! Граѓанската рефендумска иницијатива се третира како „недостапна„ , иако, како нагласив, законско регулирање што смее- не смее да се стави на рефендум е уставна материја и таа законска одредба е ништовна . Но, од друга страна, по духот на истиот устав пост-Рамковен би било навистина неуставно „закони по Бадинтер„ да се ставааат на референдум и евентуална референдумска мајоризација, дури и да се „дува“ на аргументот на неуставност /ништовност на законската одредба која тоа го брани, па ај, терај потписи и бркај иницирање референдум. Значи, по тој основ, угоре високо-удолу длабоко. Се на се, работата правно може да се реши само со донесување нов закон за кој ќе се постигне висок политички концензус и кој ќе ги отстрани сите правни, но и политички и други небулози и штетни ефекти. Во меѓувреме, политичката цена за овој закон треба да се зголемува со дејство и на граѓанството, и на опозицијата. Најправилно би било да се цели на отворање на уставот каде јасно ќе се затворат гореспоменатите два превиди, и во однос на уставното регулирање на материјата што е забранета за референдум, но и за тоа што сега ни е ептен во фокус, да се внесе ново уставно решение според кое законите кои се носат по Бадинтер треба да обезбедуваат 2/3 мнозинство во првиот круг. Тоа како уставно- правен механизам на кочници и рамнотежа, па ако сакате и право на реципрочно етничко вето, за да се врамнотежат патолошките искривувања на Бадинтеровото етничко вето обезбедено за другите етнички заедници, на штета на мнозинската македонска етничка заедница , дури до степен на едно вакво најарогантно „ми се може“ - исклучување , што, секако, последователно не ја ослободува мнозинската етничка заедница од правните, финансиските и сите други импликации на законот, во сета негова „пропорција“, а за што не и преостанува ништо друго туку да го бојкотира (кога „арогантниот„ може и неспорни и прифатени решенија од пакетот на Рамковен , со селективна логика ова ме бендисува-ова не апла да не ги почитува во пракса со години, зошто да не и обратно?). Впрочем, (теоретски) модели од каде е превземено ваквото „етничко вето“ неќе да е вака да исклучуваат од правото на вето некоја од засегнати заедници, па ниту најголемата, а што кумулативно во ефект би ги натерало сите на фер-плеј, коректност и усул. Ако тоа не се санира, овој и ваков превид неќе да е да ги исцрпува потенцијалите за политички кризи и дестабилизација на Македонија со овој фирер-закон за употреба на јазиците, напротив. Конечно, ако се сака да се надмине Рамковниот и актуелните уставни решенија за јазиците и јазичните права во содржинска смисла, ако се верува дека тоа е општото добро, тогаш чесно и демократски треба да се каже тоа, и како и за се друго , големо или мало во политиката, повеќе за големото отколку за малото, се отвара политичката битка за убедување на граѓанството, на гласачкото тело, и се собира поддршката за менување на уставот и во тој дел. Да, може да потрае, може и години ќе требаат за „органски“ да созрее работата, но тоа е вистинскиот и единствениот здрав пат за сите засегнати. Само така и тогаш е по онаа „сложни браќа и сестри куќа градат„, па и некој дури и вишок пари и се друго повеќе да даде и да отстапи, сам одлучил да даде, не се чувствува поништено, онеправдано, измамено, излажано, злоупотребено, искористено, а и со изгубена доверба дека почитта и обзирите не фунционираат баш како взаемни, што секако не води кон ништо арно. Не вака, како што се глуми лудило, ма до трет спрат стигнала куќата, а реално и всушност темелите тонат ли тонат во мочуриште.

проф.д-р Каролина Ристова-Астеруд

Можеби ќе ве интересира

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење

„ДОБРО БРЕ ГОВЕДА ЕДНИ“: Миа Костова распали поради измама „Прво лепевте доктори, сега стасав и јас на ред!“

„ДОБРО БРЕ ГОВЕДА ЕДНИ“: Миа Костова распали поради измама „Прво лепевте доктори, сега стасав и јас на ред!“

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?

„ПОСЛЕ МОЕ 30-ГОДИШНО ЧЛЕНСТВО КАЖУВАМ, СДСМ ТРЕБА ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА“ - Весна Ангелова со искрен став за матичната партија

„ПОСЛЕ МОЕ 30-ГОДИШНО ЧЛЕНСТВО КАЖУВАМ, СДСМ ТРЕБА ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА“ - Весна Ангелова со искрен став за матичната партија