Југохром во полна пареа ја гради филтер станицата
Објавено во: Економија 26 Април, 2017
Комбинатот Југохром во полна пареа го гради системот за отпрашување и гарантира дека до крајот на годината ќе бидат поставени филтри за двете главни печки кои се задолжени за речиси 50% од производството.
Југохром откако престана да работи во ноември повеќе немаше избор и мораше дел од вработените да ги отпушти со тоа што сите обврски кон нив до февруари ќе бидат подмирени.
Затоа Југохром се надева дека со промена на одлуката на Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина дека ќе може да го активира производството за над 600 вработени веднаш да бидат активирани и да не останат на улица.
„Најмалку од нас зависи дали ќе работи, ние неколку пати се обидовме да најдеме заеднички јазик и со Министерството за животна средина и со Владата на Република Македонија, а тоа е ова што ние сега го нудиме, односно Југохром паралелно со работењето на поставувањето на филтрите и системот за отпрашување, да работат и да бидат во функција барем печките 7 и 8 коишто се педесетина посто од капацитетот “, изјави Васко Скендеровски, директор на Југохром.
Освен жалба на одлуката на Министерството за животна средина во првостепена постапка менаџментот на Југохром засега не планира да преземе други правни чекори, туку се надева дека можно е да се постигне компромис со надлежните институции, а тоа е системот за отпрашување да продолжи да се гради во полн капацитет и во исто време вработените да бидат ангажирани со вклучување на двете печки.
Нивните аргументи се дека сега временските услови се поволни и нема никакви закани од било какво загадување на воздухот.
Автор: Христијан Станоевиќ