28 Март, 2024
0.0280

Измрзнаа јаболката, тутунот, лозјето- земјоделците и без род и без субвенции

Објавено во: Агробизнис 23 Април, 2017

Добивај вести на Viber

Ниските температури ги уништија земјоделските посеви. Поради минусните температури во повеќето региони низ земјава измрзнаа голем дел од овошните и лозовите насади, и расадот од тутун. Земјоделците велат дека шететите во некои региони се стопроцентни. Најпогодени се производителите на јаболка. Во обид да ги спасат насадите од измрзнување ги примениле сите потребни мерки, но залудно.

„Јас имам еден хектар со јаболка. Состојбата на терен е катастрофална.Мојот насад е во Сопотско и според првичната проценка нема еден здрав цвет, се е измрзнато. Се обидуваме во текот на ноќта кога температурите беа под нулата, да ги заштитиме насадите со зачадување односно со плаење огнови и со запрашување но залудно. Применив и други превентивни мерки како што е вештачка стимулација со биостимуланси но и тоа не очекувам да помогне, а колку што разговарав и со други овоштари и тие се скептични.Годинава ништо нема да има од родот.Состојбата во преспанскиот регион е катастрофална. И тоа што ќе остане како род ќе биде дефектно, деформирано јаболко без семки, со деформирана форма и неквалитно.Автоматски тоа не оди за извоз, ќе има пониска цена, евентуално нешто ако се извезе во Косово и како индустриско јаболко“, вели Сашо Поцелески производител на јаболка од Ресен.

Според проценките на овоштарите во Преспанскиот регион, околу 80 до 90 отсто од родот е уништен.Велат дека овие штетите се поголеми од ланските кога половина од родот исто така поради ниските температури измрзна.Земјоделците велат дека штетите ќе ги почуствуваат и крајните потрошувачи оти во недостиг на домашни јаболка ќе се зголеми увозот на јабола кои ќе бидат поскапи од домашните кои се и поевтини и поквалитетни. 

„Јас имам околу четери хектари со јаболка, годинава тешко дека ќе има за продажба јаболка, само нешто малку за јадење.И лани имаше ниски температури и измрзнувања но не беа како сега. Ништо нема да има што да се продаде а не па да се извезе. На крај поторшувачите оти ќе нема македонски јаболка, ќе јадат скапи увозни јаболка.Ова е само дополнителен удар врз нас овоштарите,последните пет години оди се на полошо, ниски откупни цени кои не ги покриваат трошоците а кои ги диктираат прекупците.Годинава откупната цена бешеод 10 до 12 денари за килограм, со тоа ниту производните трошоци не можат да се покријат“, вели Јоне Василевски производител на јаболка од преспанско.

Минуските температури предизвикаа мрзнење и кај лозовите насади и расадот од тутун.Тутунарите со ќебиња и со стари искинати налјони се обидуваат да го спасат родот. Владата на вчерашната вонредна седница формираше две комисии за проценка на штетите од ниските температури врз земјоделские култури и комисиите денеска излегуваат на терен за да направат проценка колкави се штетите во сите региони.Дополнителна комисија од различни институции е формирана за да се најдат законски можности за обештетување на земјоделците оти според Изборниот законик додека не се формира нова Влада која сеуште не е формирана не може да се вршат вонредни исплати. На седницата присуствувале и градоначалниците од регионите каде има најмногу штети.

„Од она што беше кажано може да се заклучи дека штетите на овие овошни лозови се доста големи. Затоа владата донесе две одлуки, прво вечерва да ги формираме комисиите кои што од утре ќе излезат на терен и ќе направат записници на сите овие овошни и лозови насади за настанатите штети. Второ, имајќи во предвид  дека се уште немаме избрано нова влада е формирана комисија од повеќе институции, каде што треба да ја изнајдеме најдобрата методологија, односно по кој закон истите ќе се исплаќаат, така да во вторник на редовната седница на владата на Република Македонија ќе дадеме извештај по овие две информации“, изјави вчера вечерта министерот за земјоделство Михаил Цветков.

Засега е непознато дали воопшто ќе се најде начин како финансиски да им се помогне на земјоделците чии производства се погодени од лошите временски услови, ако се знае дека и токму поради Изборниот законик речиси седум месеци е блокирана исплатата на субвенциите. Овоштарите се скептични дека ќе се најде решение за обештетување, оти како што велат сеуште не им се исплатени парите за ланските штети од мразевите. Инаку овие непогодни временски услови кои нанесоа огромни штети во земјоделството, доаѓаат во период кога е блокирана и исплатата на скоро сите субвенции за 2016, дел за 2015 и 2014 година. Првичната причина за стопираната исплата беше Изборниот законик. Откако Антикорупциската комисија даде зелено светло, се случија неколку директорски смени во Платежната агенција, за кои пак според упатените причината била токму стравувањето од потпишување на налозите за исплата. Сега  исплатата е закочена во министерството за финансии, од каде што веќе две недели молчат зошто не се исплаќаат парите за земјоделците. Но министерот за земјоделство Цветков и директорот на Агенцијата за финансиска поддршкаво земјоделството и рурланиот развој изјава дека одговорните службеници во финансии и покрај позитивното мислење од антикорупциска се двоумле дали да ставатапотпис за исплата, поради стравување дека ќе сносат одговорност, оти антикорупциската комисија може да дава мислење, но не и да толкува закони. Директорот на Агенцијата Златков изјави дека добил информација дека исплатата ќе почне од следната недела. Земјоделците велат дека веќе немаат трпение и во вторник излегуваат на протести со блокади на патишта.Бараат итна средба со министерот за финансии Кирил Миноски за лично да им каже зошто не се исплаќаат субвенциите. Дел од економистите сметаат дека не постои законска пречка за исплата на субвенциите, и дека субвенциите не се исплаќаат оти во Буџетот нема доволно пари. Пред извесен период министерот Миноски изјави дека Буџетот работи во согласност со приливите на ликвидни средства и дека од тоа зависат исплатите.

Т.С 

Можеби ќе ве интересира

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи