25 Април, 2024
0.6695

Хрватска ја следи Словенија кон Русија, а Македонија?

Објавено во: Колумни 20 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

По осум години еден хрватски претседател одново дојде во Русија. Колинда Грабар – Китаровиќ е во тродневна посета на Руската Федерација, а ја почна во Сочи со средба со Владимир Путин. Хрватска ја следи Словенија на патот кон Русија. Ако не се смета Србија, Словенија има најдобри односи и најголема почит од Москва од некогашните југословенски републики, иако е членка на НАТО и ЕУ. Сега дојде редот и Хрватска да го топи мразот во односите со Русија.

Има неколку факти кои го потврдуваат горното. По влегувањето на Хрватска во НАТО во 2009 година руско-хрватските односи подзамрзнаа. Причина за тоа беше тоа што Хрватите доследно ги поддржуваа мерките на САД и ЕУ кон Русија. Хрватска дури две години немаше амбасадор во Москва, кој стапи на должност неодамна, а при врачувањето на агреманот рускиот претседател Владимир Путин,  ја најави посетата на Грабар-Китаровиќ на Русија.

Дека работите ќе се менуваат се виде уште пред неколку месеци, кога хрватскиот министер за надворешни работи Давор Иво Штир ја посети Москва, а само еден месец потоа си поднесе оставка. Се разбира не како последица на посетата, туку на несогласувањата со политиката на хрватската влада. Но може да се претпостави дека тогаш за прв пат станало збор за посета на хрватската претседателка на Русија. Во меѓувреме се одржа средба и на меѓувладината комисија.

Која е причината Загреб да се обиде да ги затопли односите со Русија? Во прв ред економскиот интерес. Хрватска во надворешно-трговската размена со Русија е во дефицит, за разлика од Словенците кои имаат суфицит. Затоа не случајно заедно со Грабар-Китаровиќ во Москва допатува бројна делегација на хрватски бизнисмени, предводени од Стопанската комора на Хрватска. Деведесетина први луѓе на хрватски компании се сретнаа со речиси 250 руски колеги. Големиот руски пазар е предизвик за Хрватска. Добар поттик за нивен разговор е и растот на хрватскиот извоз годинава на рускиот пазар.  На средбата со Грабар-Китаровиќ, рускиот претседател истакна дека лани стоковната размена изнесувала 807 милиони долари, а годинава во првата половина се зголемила за 64 проценти. Хрватите на рускиот пазар пласираат најмногу лекови, козметика, машини и опрема, трансформатори, но и некои видови бродови. Хрватите се задоволни од ова, но признаваат дека растот на извозот е ограничен заради санкциите на ЕУ кон Русија, особено кога се работи за прехранбени и земјоделски производи.

Русите пак традиционално извезуваат во Хрватска гас и нафта. На овој план веќе се потпишани нови договори меѓу руски и хрватски компании. Не треба да се заборави дека се поголем број Руси инвестираат во Хрватска, особено во туризмот и хотелиерството. И голем број руски туристи го посетуваат јадранскиот брег на Хрватска. Ова тешко беше замисливо пред десетина – петнаесет години, кога во некои хрватски хотели беа фрлани менијата на руски јазик со коментар дека „овде нема место за кирилица“. Парите ги менуваат работите.

Неизбежно прашање и тема на разговорите на Путин и Грабар-Китаровиќ беше и Агрокор. Едни од најголемите руски инвеститори во Хрватска се Збербанк и Вњешторгбанк. Тие во хрватски Агрокор влеале кредити од речиси 1,5 милијарди евра. Но кризата на Агрокор навести можност тие пари да бидат загубени. Начинот на кој хрватската влада го решава проблемот со Агрокор не им се допаѓа на руските банкари. И тие бараат начин како до максимум да си обезбедат враќање на нвните пари. Тие се кивни на Хрватите дека во решавањето на овој проблем се вклучени американски хеџ-фондови. Затоа бараат мерките на хрватската влада за Агрокор да не ги повредуваат правата на кредиторите. Прашањето за Агрокор ќе влијае врз односите на двете земји. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ очекуваше од неговата претседателка  во разговорот со нејзиниот руски колега да побара Збербанка, како еден од најголемите доверители, да ја промени својата политика и активно да учествува во процесот на реструктурирање и спогодување. Но, тој знае дека претседателката нема такви ингеренции и единствено што може да направи е да го запознае соговорникот со состојбата на работите околу Агрокор.

Дека Хрватите учат од Слвенците се потврди од настапот на Грабар-Китаровиќ пред новинарите по средбата со Путин. Рускиот претседател многу цени ако некоја држава води сметка за руското наследство или руски траги кај неа. Словенците изградија споменик за руски жртви во светските војни и обновија една руска капела, па Путин ја посети Словенија на отворањето на споменикот. Сега Грабар-Китаровиќ во Сочи не случајно спомна дека во  Црквеница има руска православна црква „Свети Никола“ изградена во 1924 година. И дека хрватската држава поддржува реконструкција на такви објекти, па со обновувањето на таа црква би можело да се почне со литургии на Руската православна црква. Патем, таа го покани Путин да ја посети Хрватска. Тоа би била прва државна посета на руски претседател на Хрватска. Не заборави да  каже дека во Хрватска многу ја ценат руската култура и заинтересираноста за продлабочување на знаењата за Русија, па оттука се надева дека следен чекор ќе биде отворањето на Руски културен центар во Хрватска.

Сето погоре зборува дека Хрватска се вклопува во стратегијата на Путин за соработка на Балканот на економски и културен план промовирана од него, пред многу години,  по согледувањето дека политички тој е изгубен за Русија.

Каде е Македонија во целата оваа приказна? Нашите односи со Русија во моментов не се за ишала. Нејзиниот погрешен приод кон она што се случуваше кај нас последниве години, кога отворено навиваше за режимот на Никола Груевски најмногу доведе до тоа. Новата влада има сега има поважна работа од развивање на односите со Русија. Таа во наредниот период ќе биде нацелена кон евроатлантските интеграции.  

Во Москва, сега, кога видоа дека не им поминува формирањето на некаква воено неутрална зона на Балканот, сигурно подготвуваат некоја нова стратегија или нов приод за Македонија. Да очекуваме дека ќе појдат од тоа дека се кладеле на погрешен коњ во Македонија.  И дека нема потреба од поддршка на нови политички авантуристи. Ако биде така, тогаш не треба да се исклучи покана за патување на наши политичари во Москва. Дали министер за надворешни работи или премиер! Од прва рака да се чуе за нашите намери и да ни се соопшти за нивните. А можеби Русите ќе се вратат кон стратегијата на Путин за развој на економска и културна соработка. Тоа, пак, треба да се искористи од наша страна, но и за такво нешто мора со време да бидеме подготвени.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД