20 Јануари, 2018
0.4178
    ALK 7650    0.02%     BESK 9991    -3%     GRNT 824.02    0.32%     KMB 3152.12    0.17%     MTUR 4250    1.19%     OHB 5200    4%     OKTA 3111    -8.96%     RMDEN16 94.4    0%     RZUS 113    9.51%     SLAV 6100    95.89%     STB 960    1.65%     STIL 151.56    0.58%     TIKV 153    -2.55%     TKVS 3202    1.72%     TNB 13228.04    0.22%     TTK 951.17    1.04%     UNI 2000    0.03%     ZPKO 2710    4.23%

Еден настан, различна правна диоптрија

Објавено во: Колумни 02 Јануари, 2018

Деновиве имаме мошне интересна ситуација, народниот правобранител, кој според уставот е институција во државата да тврди дека полицијата постапила спротивно на своите овластувања и надлежности со тоа што привела пратеници, додека актуелниот министер за внатрешни работи тврди дека полицијата работела согласно своите овластувања и надлежности, бидејќи постапувала по судска наредба и согласно интерните процедури на МВР.

Кој ја говори вистината, народниот правобранител или министерот за внатрешни работи, а замислете и двајцата се правници, но настанот го гледаат и толкуваат секој од своја позиција и на свој начин.

Во Уставот на Република Македонија, во членот 64 став 3, стои дека - пратеник не може да биде притворен без одобрение од Собранието, освен ако не е затечен во вршење на кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од најмалку пет години.

Што не е јасно во оваа одредба?!

Притворените пратеници, се товарат дека извршиле кривично дело терористичко загрозување, кое според редот на нештата, ако го сториле, тоа било на 27. Април 2017 година. Тогаш полицијата која беше присутна на местото на настанот од никого нема добиено какви било напатствија за тоа што да прави, особено не во однос на пратениците што ја отворија или помогнаа да се отвори собраниската врата. 
Значи, ако пратениците што се сомничат за кривичното дело кое им се става на товар, а истите не биле притворени тогаш (27.04.2017), отпаѓа основот за нивно притварање без согласност на Собранието.

Со други зборови, за секое нивно притварање после 27. Април, неопходна е согласност од Собранието на Република Македонија и тоа во пропишана процедура, со претходно заседавање на надлежната собраниска комисија, за конечната одлука да ја донесат пратениците на пленарна седница.

Токму ова го констатира и говори народниот правобранител, додека министерот за внатрешни работи уверува дека полицијата не ги пречекорила своите овластувања и надлежности бидејќи постапувала по наредба на надлежен судија и согласно внатрешните процедури на МВР.

Од кога тоа наредбата на судот и внатрешните процедури на МВР се над Уставот на републиката?!

Зошто првиот човек на полицијата - директорот на Бирото за јавна безбедност не излезе да ја брани и објасни постапката на полицијата, туку тоа го прави министерот за внатрешни работи кој е политичка, а не професионална фигура?!

Полициски старешина, професионалец, должен е да знае дека не смее да изврши наредба и не смее да постапи по неа доколку не се исполнети сите правни претпоставки, во случајов - недостига согласност од Собранието. Во такви околности постапувањето по неа значи дека се извршува наредба која во најмала рака е спорна.

Пред десетина години, во 2007 МВР беше исправено пред слична дилема, дали да постапи по судска наредба за определување на притвор против тогашен пратеник или да се сочека согласност од Собранието. Полициските службеници тогаш постапија согласно своите овластувања, бидејќи не презедоа никакви активности по наредбата од судот, затоа што немаше согласност од Собранието, а и тогаш пратеникот се сомничеше за сторено кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од најмалку пет години затвор.  Тогашниот пратеник, на влез во земјата беше задржан на граничниот премин без да му биде ускратена каква било и со кого било комуникација, а задржувањето од страна на полицијата траеше додека траеја проверките, околу дваесеттина минути, по што му беше овозможено слободно да го продолжи својот пат кон Скопје. Имаше обид овој случај да се исполитизира, да му се даде политичка конотација, но на постапката на полициските службеници не можеше да замери ни Внатрешната контрола на МВР, ниту народниот правобранител, а и тогаш и денес функцијата народен правобранител ја извршува истиот човек.

Тоа што народниот правобранител излегува со став дека полицијата ги пречекорила своите овластувања и надлежности со постапувањето по наредбата на судот, отвара и друго прашање, зошто судијата не постапил според вообичаената пракса, да упати писмена покана за распит на лице во својство на обвинет или сведок, каде што јасно се нагласува дека доколку лицето не се појави во судот на уредно добиената покана, присилно ќе биде приведено. 

Јавноста не знае дали судот воопшто испратил таква покана, меѓутоа народниот правобранител веројатно го имал предвид токму овој момент врз основа на кој го темели својот став за постапувањето на полицијата. Дали имаше потреба од полициско приведување во такви околности, без разлика за делото за кои се сомничат пратениците, што ќе променеше ако се сочекаше и се побараше согласност од Собранието, бидејќи горе цитираниот член од Уставот е јасен и недвосмислен...или можеби очекувал полицијата да се обрати со допис и да бара одземање на имунитетот на пратениците?!

Министерот за внатрешни работи, настапувајќи од позиција на политичар, само ја компликува правната дилема, затоа што очигледно има разидување меѓу уставната одредба и стандардните процедури за постапување на полицијата. Токму  и од тие причини, министерот треба да биде на страна од ваквите случувања, бидејќи со полицијата раководи директорот на Бирото за јавна безбедност и негова е професионалната одговорност за законитоста во постапувањето на полицијата. 

На овој начин, со мешањето на министерот за внатрешни работи и неговото застанување во одбрана на постапувањето на полицијата кога е очигледно дека полицијата спровела наредба на судот без доволно правни претпоставки за нејзино извршување, остава простор за шпекулација и сомнеж за политичка димензија на целиот случај. И се додека политиката и политичарите се плеткаат во работи кои се и треба да бидат надлежност на професионалците во институциите, ќе бидеме далеку, многу далеку од уставните гаранции за владеење на правото подеднакво за сите, со можност на правото да се гледа со различна диоптрија и толкува во зависност од тоа за што и на кого се однесува.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Русија ќе прифати кое било име на Македонија договорено со Грција

Русија ќе прифати кое било име на Македонија договорено со Грција

Драги мои синови – вие сте Македонци!

Драги мои синови – вие сте Македонци!

За кого, за МАКЕДОНИЈА

За кого, за МАКЕДОНИЈА

Спој на примитивен национализам и отсуство на државотворно чувство

Спој на примитивен национализам и отсуство на државотворно чувство

Европски фронт против новите американски санкции кон Русија

Европски фронт против новите американски санкции кон Русија

Параван комисии и работни тела со веќе видени "реформски идеи"

Параван комисии и работни тела со веќе видени "реформски идеи"