29 Март, 2024
0.0366

Црно на бело - Што ДИК се сложи да си подели од пари и кога?

Објавено во: Анализа 06 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

По жестоките критики на јавноста Државната изборна комисија конечно на својата веб страна ја објави Одлуката за исплата на надоместоците за спроведувањето на последните локални избори за кои според амбасадорот Џес Бејли на тајна седница си изгласале бонуси со плати за 4 дополнителни месеци кои иако им следуваат според законските прописи ги одлучиле зад затворени врати.

Според објавената одлука претседателот на ДИК Александар Чичаковски, заменик претседателот Реџеп Прекопуца, како и членовите на комисијата Атана Урумов, Виолета Дума, Игор Милев, Сабхи Јакупи, Сашо Срцев и Силвана Бонева им се утврдил надомест во висина од 4 нето исплатени плати во последниот месец. За членовите Бедредин Ибраими и Асани Салија се утврдени надоместоци во висина од 2 нето исплатени плати во последниот месец.

ДИК конечно го објави и Правилникот за определување на надоместоци кој претходно недостасуваше од главниот Правилник на нивната веб страна и како документ практично беше „мистерија“. Сега се открива дека на претседателот, заменикот и членовите на ДИК им следуваат по 5 нето плати исплатени во претходниот месец, на генералниот секретар по 3 нето плати по истиот принцип, а истото им следува и на државниот советник, раководителите на стручната служба и административните службеници. На останатите ангажирани лица по различни советодавни основи им следува по 1 нето плата. На лицата кои се времено ангажирани им се пресметува саатница од 170 денари. 

Лицата кои се ангажирани во општинските изборни комисии со над 130 општински избирачки одбори земаат и највисоки плати, па така претседателот на општинската изборна комисија добива 60.000 денари, неговиот заменик 55.000 денари, а секретарот добива 50.000 денари. Како што се намалува бројот на избирачки одбори така и се намалува надоместокот на членовите на општинските изборни комисии. Во ДИК се ангажирани и надворешни советници, лица ангажирани во помошни тела, лица за внес на податоци од гласањето и така натаму. Од овој линк може да го видите платниот список на сите лица со износот на определената сума за секое лице. 

Правилникот за определување на надоместок за 2017 е донесен на 14 ноември оваа година. Одлуката за исплата на надоместок за 2017 е донесена и потпишана на 16 ноември годинава. И двата документа дури доцна вчера беа објавени на веб страната на ДИК иако според законските прописи за тоа се должни веднаш да го сторат по донесувањето на одлуките. Исто така членовите на ДИК се обврзани да одлучуваат јавно и транспарентно, како и да работат ефикасно и да ги намалат трошоците од работењето.

Откако изби скандалот членовите на ДИК тврдеа дека не направиле ништо незаконско и дека парите кои ги заслужиле со тешката и стресна работа ги заслужиле, но сега ќе ги вратат во буџетот или ќе ги донираат.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот