АКЦИЈА „АГРОКОР“: Почна сослушувањето на приведените, Тодориќ недостапен за полицијата
Објавено во: Балкан 17 Октомври, 2017
После ноќта помината во полициски притвор првата група осомничени во случајот „Агрокор“ е доведена на сослушување пред обвинител на загребското обвинителство.
Во истрагата се опфатени 15 лица, а вчера се уапсени 12 од нив. Тројца осомничени, членови на семејството Тодориќ, основач на „Агрокор“ Ивица Тодориќ и неговите синови Анте и Иван, засега не им се достапни на хрватските институции. Според достапните податоци, сите се наоѓаат во странство, односно во Лондон.
Прв утрово е испрашуван Дамир Куштрак, поранешен член на управата на „Агрокор“, единствен поранешен член на раководството, а потоа и поранешната членка на управата на Агркор Пирушка Цајуга.
Уапсените воглавно се поранешни членови на управата или надзорниот одбор во Агрокор, а меѓу нив е и зетот на Ивица Тодориќ, Хрвоје Балент.
Уапсени се и двајца вработени од ревизорската куќа Бејкер Тили која ги работела ревизорските извештаи за хрватскиот концерн.
Основачот на концернот „Агрокор“ Ивица Тодориќ порачал утрово по пат на својот блог дека ќе им биде достапен на хрватските правни институции и дека против него се води политички процес.